Бунтовниците во јужна Сирија не се едногласни во врска со договорот со Москва, со кој тие практично треба да капитулираат.

Преговорите со претставници на бунтовничките групи во провинцијата Дера во последните денови им овозможија на властите во Дамаск да ја преземат контролата врз 60 проценти од територијата на областа.

Сепак, цивилни претставници на опозицијата порачаа дека се повлекуваат од разговорите. Во соопштението се наведува дека некои од бунтовниците се обидуваат да ги заштитат сопствените интереси преку договори со Русите.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите права потврди дека постои „поделба во бунтовничките групи“ во врска со условите што ги предложила Русија.

Со договорите се предвидува бунтовниците да се откажат од тешкото и средно вооружување и да ги вратат државните институции во бунтовничките области во замена за враќање на раселените семејства во нивните села кои се под заштита на руските војници.

Според договореното, сириските сили треба да преземат контрола врз граничните области со Јордан, како и долж границата со Голанската висорамнина, изјави директорот на Центарот Рами Абдел Рахман.