Германија ќе се брани од ковид-19 со економски пакет во висина од 1,1 трилион евра. Ова вчера го изгласаа пратениците на германскиот Бундестаг како пакет мерки за одбрана на економијата од ударот на пандемијата на коронавирусот. Мерките опфаќаат помош и кредити за фирмите и фондови за здравството. Во економскиот пакет меѓу другото се предвидуваат и широки мерки за поддршка на бизнисот и на здравствениот систем, како и стотици милијарди евра гаранции за банкарските заеми кон фирмите.

Како што јавува „Дојче веле“, првпат се укина и т.н. должничка кочница, и државата се задолжи за 156 милијарди евра. Со новите мерки, Владата планира да создаде „економски стабилизациски фонд“ со кој ќе понуди гаранции во вредност од 400 милијарди евра за долговите на компаниите, 100 милијарди евра како гаранции за заеми или за купување акции во фирми и уште 100 милијарди евра за поддршка на државната инвестициска банка КФВ. Дополнително, како што пренесуваат германските медиуми, здравствениот систем на земјата ќе добие директна инјекција од 3,5 милијарди евра, како и уште 55 милијарди евра што ќе можат да се користат за борба против пандемијата. Германскиот пакет сега треба да го одобри и Горниот дом на парламентот, но тоа се смета за формалност.