Џејмс Балџер

Бостонскиот гангстер Џејмс Балџер (89), познат под прекарот Вајти, беше убиен вчера, еден ден по неговото преместување во затворот со максимално обезбедување „Хазелтон“ во Западна Вирџинија, пренесуваат американските медиуми. Тој бил претепан до смрт во затворот. ФБИ го истражува случајот, односно сомневањата дека одмаздата на мафијата би можела да претставува мотив за убиството.

Балџер беше водач на озлогласената банда од јужен Бостон во периодот помеѓу 70-те и 90-те години на минатиот век, како и доушник на ФБИ од 1975 година. Двојниот живот му овозможил да избегне апсење, преку подмитување на корумпираните агенти на ФБИ. 

Но тој, сепак, беше уапсен во 2011 година по 16 години во бегство, со што набргу беше осуден на две доживотни казни плус пет години, врз основа на обвинението кое опфаќаше 11 убиства, како и изнуда и рекетарство.

Животот на мафијашот претставуваше инспирација за ликот на Френк Костело, кој го глумеше Џек Николсон во филмот „Покојните“ на Мартин Скорсезе. Во биографскиот филм „Црна миса“, пак, Џони Деп го толкуваше ликот на Балџер.