Телата на уште две лица се пронајдени под урнатините на зградата во близина на Мајами, Флорида, со што бројот на жртвите се зголеми на 20, додека 128 лица сè уште се водат како исчезнати.

Градоначалничката на округот Мајами-Дејд, Даниела Левин Кава, изјави дека двете тела биле пронајдени синоќа, откако загриженоста за нестабилноста на градбата предизвика 15-часовно прекинување на потрагата по преживеани, објави АП.

Кава рече дека меѓу жртвите е и седумгодишна ќерка на пожарникар во Мајами.

Потрагата по преживеани беше стопирана нешто по 2 часот по полноќ по локално време, поради поместувања во урнатините, што ги загрижи властите.

Како одминува времето, надежите за наоѓање преживеани се намалуваат.

Со исклучок на првите неколку часа по уривањето на зградата, понатаму никој не беше извлечен жив од урнатините.

Приближно половина од 12-катната зграда со 136 станбени единици се урна минатиот четврток, и оттогаш спасувачите трагаат по урнатините користејќи кранови, инфрацрвени скенери и кучиња.

Директорот за вонредни состојби во Мајами-Дејд, Чарлс Сирел, рече дека повеќе од 50 агенции работат на местото на уривањето, вклучувајќи над 900 работници.

Засега не е позната причината за катастрофата, но медиумите јавуваат дека зградата претрпела структурни оштетувања.