Бројот на загинати во експлозијата на гас во станбена зграда во рускиот град Магнитогорск на Урал се искачи на 16 луѓе, соопштија денеска локалните власти.

Шеснаесет тела се извлечени од под урнатините на станбената зграда, а спасувачите и натаму трагаат по евентуални преживеани. Се трага по уште 27 луѓе, јавуваат руските медиуми.

Во експлозија на гас во станбена зграда во центарот на Магнитогорск, во руската област Чељабинск, на околу 1700 километри источно од Москва, што се случи вчера, се урна дел од зградата од 10 ката.

Во објектот што датира од времето на поранешниот Советски сојуз, оштетени или уништени се 48 станови, а властите предупредуваат дека може да се урне и остатокот од зградата, па затоа е наредена евакуација.

Руските безбедносни служби потврдија дека причина за несреќата е истекување на гас.

Шестмесечно бебе вчера беше пронајдено живо откако минало 35 часа на поларен студ под урнатините на зградата.