Бројот на жртви во подметнатиот пожар во познатото јапонско студио за анимација во Кјото порасна на 23, објави Би-би-си. Постои сомнение дека уште 18 лица останале заробени во огнената стихија.

Локалните медиуми објавија дека 35 лица се повредени, од кои 10 се здобиле со тешки повреди.

Уапсен е осомничениот 41-годишен маж. Се претпоставува дека тој истурил бензин во зградата на „Кјото анимејшн“ и го запалил. Полицијата соопшти дека и тој е меѓу повредените. Очевидци велат дека го слушнале мажот како извикува „Умрете“ додека го истурал бензинот.

Засега не е позната неговата поврзанот со компанијата. Според неофицијални сознанија, тој не е поранешен вработен во студиото.

Во моментот кога избувнал пожарот во зградата имало многу луѓе. Најпрво беше јавено дека настрадало најмалку едно лице, по што бројот се искачи, прво на 12, а потоа на 23.

Мотивите за пожарот засега не се познати.