Во извештајот на Светската програма за храна при Обединетите нации, меѓу другото, се наведува дека бројот на луѓето што гладуваат значително е пораснат, во споредба со 2019 година, и дека од 113 милиони минатата година, сега таа бројка е искачена на 135 милиони луѓе

Светската програма за храна при ООН предупредува

Светската програма за храна при Обединетите нации соопшти дека бројот на луѓето што се соочуваат со глад може да се зголеми двојно оваа година, односно на повеќе од 250 милиони, како резултат на економските последици предизвикани од глобалното затоплување, конфликтите, но и од пандемијата предизвикана од коронавирусот.
– Бројот на лицата што се соочуваат со акутна несигурност во храна може да се искачи на 265 милиони во 2020 година, што е зголемување за 130 милиони од 135 милиони во 2019 година, како резултат на економското влијание на ковид-19, се вели во извештајот на светската програма за храна при ОН.

Во документот, меѓу другото, се утврдува дека загубените приходи од туризам, опаѓањето на дознаките од странство, патувањата и другите ограничувања поврзани со пандемијата се очекува да имаат најголемо влијание врз безбедноста на храната. Главниот економист и директор на истражувањето на Светската програма за храна, Ариф Хусеин, истакна дека мора колективно да се дејствува сега за да се намали влијанието на оваа глобална катастрофа, која дополнително со кризата од ковид-19 може да биде потенцијално катастрофална за милиони луѓе што веќе висат по конец.
– Секој ден околу 21.000 луѓе во светот умираат поради причини што се во врска со недостиг од храна. Таквата состојба во светот беше вообичаена и пред пандемијата – рече Хусеин. Тој додава дека „коронавирусот не можеше да се случи во полош момент“, и посочи дека состојбата и натаму се влошува.

Слично како Хусеини и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш неодамна изјави дека во време на глобални предизвици, како што се воените конфликти, климатските шокови, па и пандемиите што предизвикуваат големи економски шокови, светот мора да ги удвои напорите, кои ќе бидат насочени кон пораз на гладот и неисхранетоста на населението, кои, пак, се неопходни елементи за постабилен и еластичен свет.

Дополнително, во четвртиот годишен глобален извештај за кризата со храна, Светската програма за храна како најзагрозени држави ги наведува: Јемен, Демократска Република Конго, Авганистан, Венецуела, Етиопија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Нигерија и Хаити. Според податоците на агенцијата при ООН, во Јужен Судан 61 отсто од населението уште минатата година било погодено од недостиг од храна. Како што наведува организацијата пред пандемијата, делови од Источна Африка и Јужна Азија со децении се соочуваат со сериозен недостиг од храна, кој е предизвикан од долгогодишните суши.

Во исто време повеќе западни медиуми информираат дека светската програма за храна има потреба од финансирање од 10 до 12 милијарди американски долари за нејзините програми за помош оваа година, што е далеку над рекордните 8,3 милијарди американски долари собрани минатата година. Инаку нејзината примарна цел е да работи на решавање на основните причини за екстремниот глад. Истата таа е основана од страна на Европската Унија и Светската програма за храна при ООН во 2016 година. Има 15 членки и се стреми кон подобро поврзување, интегрирање и водење на постојните иницијативи, партнерства, програми и процеси на политики за одржливо решавање на основните причини за кризите за храна.