Велика Британија ќе мора да учествува на изборите за Европскиот парламент на 23 мај, бидејќи нема доволно време британскиот парламент дотогаш да го ратификува договорот за брегзит, рече денеска вицепремиерот Дејвид Лидингтон, пренесува  „Ројтерс“.

Премиерката Тереза Меј се надеваше дека ќе го избегне учеството на изборите, но разговорите со опозициските лабуристи не излегоа од ќорсокак.

– Жалиме што е невозможно тој процес да биде завршен до датумот за изборите за Европскиот парламент, така што тие ќе бидат одржани – рече министерот Лидингтон.

Тој рече дека владата ќе вложи максимални напори за да се осигура дека одложувањето на брегзит ќе биде што е можно пократко.

– Би било идеално доколку дојдеме до позиција пратениците избрани во Велика Британија всушност никогаш да не ги заземаат своите места во Европскиот парламент, бидејќи неговото заседавање нема да започне до јули – додаде тој.