Британската делегација во Организацијата за забрана на хемиско оружје го отфрли рускиот предлог за заедничка британско-руска истрага за труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.

– Тоа е диверзантска тактика, направена со цел со новите дезинформации да се избегнат прашања на кои руските власти мора да одговорат, пишува на Твитер британската делегација која предлогот го нарече „перверзен“.

Директорот на руската Надворешна разузнавачка служба (СВР) Сергеј Наришкин претходно изјави дека труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал во Англија било провокација на американските и британските разузнавачки служби.

– Дури и во случајот Скрипал, гротескна провокација која сурово ја подготвувале американските и британските разузнавачки служби, некои од европските влади не ги следат слепо Лондон и Вашингтон туку наместо тоа избираат внимателно да утврдат што се случило, рече Наришкин.

Тој подвлече и дека врз основа на дејствијата кои Вашингтон ги презема против Русија, може да почне да се зборува за враќање во ерата на Студената војна.

– Вашингтон стана опседнат со борбата против непостоечката, таканаречена руска закана. Ова достигна такви размери и поприми толку апсурдни карактеристики па може да се зборува за враќање во мрачното доба на Студената војна, наведе Наришкин во својот говор на безбедносна конференција во Москва.

Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) денеска одржува состанок, еден ден откако британска лабораторија призна дека нема докази оти материјата со која бил отруен поранешниот шпион Сергеј Скрипал потекнува од Русија.

Претставниците на 41 држави членки на ОПЦВ се среќаваат во Хаг по барање на Москва за нова размена на дипломатски аргументи за проблемот кој доведе до една од најсериозните кризи меѓу Русија и Западот по Студената војна.

Неколку дена дена по труењето на Скрипал и ќерка му Јулија на 4 март во англискиот град Солсбери, британската премиерка Тереза Меј ја обвии Москва и рече дека тоа е „единствено зможно објаснување“.

Кремљ постојано демантира дека е вмешан во нападот, а рускиот претседател Владимир Путин вчера изрази надеж дека средбата на ОПЦВ ќе стави крај на истрагата.

– Оваа руска иницијатива е нова тактика за диверзија, со цел да ја попречи работата на ОПЦВ во истрагата, реагира во коминике британското Министерство за надворешни работи.