Најновата анкета на јавното мислење во Велика Британија за напуштањето на ЕУ, покажува дека трендот е променет и дека доколку сега се одржи нов референдум за Брегзит, 54 отсто од Британците би гласале за останување на земјата во Унијата.

Анкетата е спроведена помеѓу 20 октомври и 2 ноември со 20.000 испитаници од сите изборни единици во Обединетото Кралство и е оценета како „најголемата независна анкета за Брегзит“.

Според анкетата, на нов реферндум за Брегзит би гласале 48,29 отсто од Британците. За споредба, на 23 јуни 2016, 52 отсто од Британците гласаа за напуштање на ЕУ.

Преговорите за Брегзит продолжуваат иако се уште не е решено едно од најкрупните прашања – ирската граница.

– Продолжуваме да преговараме и не можам во овој момент да ви кажам дека сме блиску до договор бидејќи има вистинска точка на разидување за начинот на кој ќе се гарантира мирот во Ирска, да нема граници во Ирска истовремено заштитувајќи го интегритетот на заедничкиот пазар – изјави шефот на европскиот преговарачки тим Мишел Барние, во утринска емисија на белгиското радио.

Барние повтори дека сите страни се подготвуваат и за најмалку посакуваната опција за Брегзит без договор.

– Во тој случај ќе имаме итни мерки за сите сектори. Но, морам да кажам дека, дури и во случај на договор, на што работам, нема да биде „вообичаена работа“, ќе има последици за сите претпријатија затоа што Обединетото Кралство одлучи да ја напушти Унијата, заедничкиот пазар и царинската унија. Тоа значи контроли за да се заштитат потрошувачите и европските фирми – изјави Барние.

Шефот на преговарачкиот тим на ЕУ вчера исто така посочи дека Обединетото Кралство ќе може да аплицира за повторно членство во Унијата, откако ќе ја напушти.