Пратениците кои се залагаат за брегзит во Долниот дом на британскиот парламент побараа познатиот лондонски часовник, Биг Бен, да се огласи во моментот кога Велика Британија официјално ќе ја напушти ЕУ на 31 јануари.

Пратениците во Долниот дом, каде конзервативците имаат големо мнозинство по изборите во декември, продолжуваат со расправата за законите кои се потребни за брегзит.

Групата која го поддржува најавениот излез на Британија од Европската унија поднесе амандман со кој се предвидува Биг Бен да се огласи во моментот кога Велика Британија официјално ќе го напушти европскиот сојуз во 23 часот на 31 јануари.

Амандманот, сепак, не беше вклучен во денешното гласање.

Ѕвоното на светски познатата кула-часовник, тешко 13,7 тони редовно не се огласува од 2017 година, поради зафатите за реновирање на кулата.

Биг Бен изминативе неколку години ѕвони само на исклучиво важни настани, како што е славењето на Нова Година.

Работите за реновирање нема да завршат до следната година.

„Без разлика на нашите политички ставови ова несомнено ќе биде важен момент во историјата на оваа земја“, пишува конзервативниот пратеник Марк Франсоа, кој го поднесе амандманот.

„За да ја одбележиме оваа значајна пригода, јас, со уште 50 други пратеници, барам да дозволиме Биг Бен да за заѕвони за нашата слобода“, додава тој.

Амандманот потпишан од педесетина претежно конзервативни пратеници бара Биг Бен да оттчука вкупно 11 пати.