Повеќе од 40 поранешни британски амбасадори ја повикаа премиерката Тереза Меј да го продолжи рокот за излез на Велика Британија од Европската унија, објави весникот „Тајмс“.

Во писмо испратено до „Тајмс“, дипломатите посочуваат дека најдобро ќе биде да се одложи брегзит за да се договорат условите за идните односи на Велика Британија и Европската унија или да се одржи втор референдум за членство во ЕУ.

Доколку Меј не успее до 29 март да го потврди својот договор со ЕУ за брегзит во британскиот Парламент, тогаш, како што наведува весникот, ќе мора да одлучи дали да ја одложи одлуката за напуштање или да избере да ја напушти Унијата без договор, што може да биде хаотично за петтата светска економија.

Меј вчера изјави дека нејзината Влада не ја променила својата позиција и дека не сака да го одложи датумот за брегзит, односно 29 март, кога Обединетото Кралство треба да ја напушти Унијата.

Шефот на британскиот преговарачки тим за брегзит, Оли Робинс рече дека пратениците во Парламентот во Вестминстер ќе се соочат со избор меѓу „договорот на премиерката Меј или со долго продолжување на периодот за спроведување на членот 50 од Лисабонскиот договор, со кој е формирана ЕУ“.