Главниот избор на гласачите е помеѓу Корбин и Џонсон

Последните анкети пред денешното гласање им даваат предност на конзервативците на премиерот Борис Џонсон, но ја исклучуваат и можноста за поделен парламент, што, наместо да го реши, само дополнително ќе го заплетка процесот на повлекување на Британија од ЕУ

Британските гласачи денес излегуваат на клучни парламентарни избори, трети за четири години, на кои ќе треба да го изберат лидерот што ќе се обиде да ја реши тешката загатка наречена брегзит и во наредниот период да ја извлече или да ја задржи Британија во ЕУ. Главниот избор е меѓу конзервативците на премиерот Борис Џонсон и лабуристите на опозиционерот Џереми Корбин.

Последните анкети пред денешното гласање им даваат предност на конзервативците на премиерот Борис Џонсон, но ја исклучуваат и можноста за поделен парламент, што, наместо да го реши, само дополнително ќе го заплетка процесот на повлекување на Британија од ЕУ. Анкета на Југов објавена пред самото гласање предвидуваше победа на ториевците, со поддршка од 43 отсто, додека лабуристите би освоиле 34 отсто, пренесува „Гардијан“.

Според повеќето медиуми и набљудувачи на Островот, двете водечки партии во моментот се предводени од релативно непопуларни лидери. За Ник Болс, бивш конзервативен пратеник, гласачите во Британија се соочени со „ужасен избор“ меѓу „компулсивниот лажго Џонсон“ и „тоталитарниот лидер Корбин“. Според британските аналитичари и медиуми, сегашните избори на Островот личат на претседателските избори во САД во 2016 година, на кои главните кандидати, Доналд Трамп и Хилари Клинтон, беа критикувани за многуте недостатоци и обвинети за недоверливост. Според Би-би-си, прашањето за (не)доверба има клучна улога и на изборите во Британија, додека повеќето гласачи едноставно сакаат да се заврши со сѐ – брегзит, изборите и целиот политички хаос.

За Џонсон, ова е прва негова шанса да застане пред британските гласачи како премиер на државата. Тој во изминатиот период успеа да ја турне својата партија кон конзервативен популизам, отелотворен во целосната поддршка за брегзит. Аналитичарите главно избегнуваат да прават директни споредби меѓу Џонсон и Трамп, но велат дека двајцата покажале дека се подготвени да отстапат од нормите и традицијата за да ги остварат политичките цели. Ова се избори што Џонсон сам ги побара, но неговата кампања помина со низа контроверзии. Критичарите ја оспоруваат неговата доверба, што е важно прашање, имајќи предвид дека се обидува да ги увери гласачите дека навистина ќе ја извади Британија од ЕУ до крајот на јануари, по што би се фокусирал на трговските преговори. Критичарите на Џонсон посочуваат на низа неисполнети ветувања за брегзит, здравствениот систем или за Северна Ирска.
– Главната тема се довербата и прашањето зошто толку пати во неговата кариера во политиката и новинарството, критичарите, а понекогаш дури и луѓето блиски до него, сметаа дека е недоверлив – вели Ендрју Нил од Би-би-си.

Според британските медиуми, можеби најштетниот момент за кампањата на Џонсон беше објавувањето на фотографијата од болното четиригодишно момче како лежи на под во болница во Лидс, зашто наводно немало доволно кревети. Фотографијата ги мобилизира конзервативците, кои му се извинуваа на семејството и тврдеа дека инцидентот нема врска со обвинувањата за недоволно финансирање на здравството. Самиот Џонсон реагираше така што првично одби да ја погледне фотографијата и го запре интервјуто што го даваше во моментот. Неговото однесување може само да ја зајакне перцепцијата дека премиерот не знае да се справи со критиките и дека не покажува емпатија, велат експертите.

Сето ова беше своевиден предбожиќен подарок за Корбин и за лабуристите, но и тие не останаа имуни на критики. Изборот на Корбин за лидер на партијата претставуваше значително свртување кон лево на лабуристите. Оние што прават паралели меѓу САД и Британија велат дека Корбин е еквивалент на Берни Сандерс и нагласуваат дека лабуристите денес се многу поинаква партија од времето на Тони Блер или на Гордон Браун. Една од главните критики против лабуристите во моментот е дека не застанаа јасно зад позицијата за останување на Британија во ЕУ, што наводно го поткопува нивниот кредибилитет. Партијата се обидува да ги претставува и гласачите „за“ и гласачите „против“ брегзит, па Корбин чекори на средината, што на крајот ги разгневи и двата табора. Освен за неодлучноста кон брегзит, лидерот на лабуристите е обвинет и дека несоодветно се справил со антисемитизмот во партијата, како и дека отуѓил некои поумерени сопартијци поради своевремени симпатии кон Ирската републиканска армија (ИРА). Исто така, критичарите велат дека Лабуристичкиот манифест е одраз на социјалистичките симпатии на Корбин и дека тој со нив успеал да отуѓи поумерени сопартијци и симпатизери. Корбин повеќепати повикуваше на повисоки даноци, национализација на разни индустриски гранки, како и воведување четиридневна работна недела.
Сепак, овие избори најмногу ќе бидат запаметени како гласање за брегзит. Џонсон годинава стана премиер откако неговата претходничка, Тереза Меј, во повеќе наврати не успеа да обезбеди поддршка за договорот за повлекување од ЕУ.

Конзервативците сега водат кампања за конечно завршување на процесот на брегзит, во обид да им украдат гласачи на лабуристите што гласале за повлекување на Британија од ЕУ. Сепак, главна цел на Џонсон е да обезбеди работно мнозинство во парламентот, првпат по 2017 година. Тој тврди дека сѐ зависи од брегзит – новите трговски договори со ЕУ и со САД, даночните олеснувања, зголемувањето на финансиите за здравството и за образованието.

„Специјалните односи“ меѓу Британија и САД се своевиден товар за Џонсон, бидејќи Трамп е непопуларен во Британија. Корбин и лабуристите се обидоа да ја искористат наводната блискост меѓу Џонсон и Трамп за да тврдат дека премиерот ставил сѐ на преговарачка маса во трговските разговори со САД, па дури и британскиот здравствен систем. Од друга страна, како што оценуваат аналитичарите на Островот, односите меѓу Британија и САД, во најмала рака, би биле напнати доколку Корбин успее да седне во премиерската фотелја.