Иран го запленил британскиот танкер Стена Имперо затоа што учествувал во судир со ирански рибарски брод, објави иранската агенција ИРНА.

Британскиот танкер наводно го оштетил рибарскиот брод, а потоа не одговорил на повикот за тревога на бротчето.

Рибарскиот брод ја информирал иранската пристанишна и поморска организација за навигација, која ја информирала Револуционерната гарда, по што нејзините бродови го насочиле британскиот танкер до иранското пристаниште поради истрага, пренесе ИРНА.

„АП“ оценува дека обидот на Иран да понуди „техничко“ објаснување за одземањето на танкерите може да сигнализира можна деескалација на тензиите во Ормускиот Теснец, кој е од стратегиско значење за светската трговија.

Сите 23 члена на екипажот на танкерот сега се наоѓаат во базата Бандар Абас и ќе останат на бродот до крајот на истрагата, изјави директорот на Организацијата за пристанишна и поморска пловидба во провинцијата Хормозган, Алахморад Афифипур за агенцијата „Фарс“.

Екипажот го сочинуваат 18 индиски државјани и пет члена од други националности.

Иранците накратко задржаа уште еден британски брод, но потоа му дозволија да продолжи со пловидбата.

Велика Британија претходно соопшти дека итно бара информации за танкерот, кој бил упатен кон Саудиска Арабија и ненадејно го сменил курсот по минувањето низ Ормускиот теснец.

Тензиите меѓу Западот и Иран се зголемија од почетокот на јули кога британската морнарица заплени ирански танкер во Гибралтар под сомневање за шверц на нафта во Сирија, прекршувајќи ги санкциите на ЕУ.