Во изминатиот период, светските медиуми ги наполнија своите страници за дипломатското несогласување и критиките на американскиот претседател Доналд Трамп за британскиот амбасадор во САД Ким Дарок.

По инаугурацијата на Трамп, односот на двајцата политичари беше проследен со комплименти и заеднички пофалби. Дарок сметаше дека претседателот на САД е шармантен, а Трамп предвидуваше дека Британецот ќе биде голема телевизиска ѕвезда, пишува магазинот „Политико“.

Но, најновите информации дека Дарок надвор од очите на јавноста остро го критикувал тимот на контроверзниот американски претседател. Во протечените комуникации на амбасадата на Велика Британија во САД и британското Министерство за надворешни работи, амбасадорот го опишал тимот на Трамп како дисфункционален и некомпетентен, што предизвика сериозни реакции кај лидерот на Американците.

Американскиот претседател два дена опсесивно твиташе за Дарок, тврдеше дека не го познава, напиша дека „Британецот е многу глупав човек“ и „помпезна будала“ и најизненадувачки, инсистираше дека САД повеќе нема да се занимава со британскиот амбасадор.

Од друга страна, Дарок ги има освоено симпатиите во Вашингтон и е добро поврзан со владините кругови во САД, создавајќи блиски врски со најблиските соработници на претседателот со кои често се среќавал на најразлични видови на работни и приватни средби.

– Ким Дарок е британски амбасадор во САД од почетокот на 2016 година. Тој е комуникативна личност, но не се случува често во јавноста да ја симне дипломатската маска. Исто така, тој често организира раскошни забави во неговата резиденција – дознаваат од „Политико“.

Според пишувањата на медиумите, најблиските соработници на Трамп како советничката во Белата куќа Келиен Конвеј, министерот за трговија Вилбур Рос и поранешната портпаролка на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс присуствувале на забавите на Дарок и се блиски со него, како и Кејти Волш, Мајк Шиелдс и Стивен Мунчин.

Сега, речиси преку ноќ, амбасадорот би можел од близок пријател и соработник во Вашингтон да се претвори во далечен странец во очите на Трамп. Недоразбирањето покажува колку брзо и лесно американскиот претседател може да тргне кон некој претставник на своите најблиски сојузници. Исто така, ситуацијата е уште еден пример за силната волја на Трамп да ги урива дипломатските норми со Велика Британија, која тврди дека има „специјален однос“ со Соединетите Американски Држави.

Останува нејасно како и дали воопшто британскиот амбасадор ќе одговори на критиките на Доналд Трамп. И пред овој најнов развој на настаните, очекувањата и проценките кажуваа дека е можно негово заминување и дипломатско пензиноирање во јануари 2020 година, завршуваат од „Политико“.