Британскиот државен министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара поднесе оставка поради несогласување со предлог-договорот за Брегзит, постигнат меѓу Владата во Лондон и ЕУ, објавија западните медиуми.

– Не можам да го поддржам договорот за напуштање, склучен со ЕУ, објасни Вара во писмото со оставката – објавено е на неговиот налог на Твитер.

Вара, кој го поддржа организирањето референдум за излез од ЕУ, истакна дека задачата на премиерката Тереза Меј да го убеди Парламентот за поддршка на предлог-договорот е вистински предизвик.

Тој е прв член од кабинетот на Меј кој поднесува оставка, откако таа ја доби поддршката на Владата за договорот.

– Ние сме горда нација и е многу тажно што сме принудени да се потчиниме на правила, воведени од други држави, кои покажале дека немаат разбирање за нашите интереси. Можеме и треба да постигнеме повеќе – нагласи Вара во своето писмо.