Британската Влада синоќа соопшти дека ќе продолжи да го поддржува договорот за Брегзит кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ.

Секретарот за Брегзит, Стивен Баркли изјави дека договорот на Меј е единствен пат напред, имајќи ја предвид неможноста на Парламентот да најде јасно мнозинство за алтернативен аранжман.

Според него, почетната позиција е Британија да ја напушти ЕУ за 11 денови и, доколку Парламентот се согласи со договорот за повлекување, „можеби ќе успее“ Велика Британија да излезе од Унијата без учество на европските избори кон крајот на следниот месец.

Тој најави дека британската Влада ќе се состане денеска за да ги разгледа сите опции.

Британските пратеници вчера не донесоа никаква одлука, односно не успеаја да обезбедат мнозинство ниту за еден од четирите предлози за излез од кризата во врска со Брегзит.