Британските пратеници се изјаснија против брегзит без договор, а вчера требаше да побараат и одложување на излегувањето на Британија од ЕУ на 29 март. Премиерката Меј третпат ги повика да го поддржат нејзиниот договор и предупреди дека во спротивно брегзит може да се одложи на две години

Брегзит официјално е закажан за 29 март 2019 година, но откако британските пратеници ја отфрлија можноста за излегување на Британија од ЕУ без договор, но и двапати го одбија договорот со ЕУ што им го понуди Владата на Тереза Меј, се чини дека целиот процес ќе оди во продолженија. Британските пратеници вчера се очекуваше да гласаат за одложување на брегзит, но засега останува непознато за колку ќе се одложат преговорите.

Со тоа Британија ја префрли топката на половината на ЕУ, бидејќи одложувањето на брегзит сега е задача на лидерите на ЕУ. Сите 27 шефа на држави и влади на ЕУ ќе мора едногласно да одлучат за тоа на самит закажан за 21 март, односно наредниот четврток. Но прво Британија мора официјално да побара одложување, а за да се случи тоа, пратениците вчера требаше да го одобрат.

Прашањето сега е дали ЕУ ќе се согласи на одложување на брегзит. Иако е доволно само една земја да го блокира одложувањето, повеќето дипломати во Брисел сметаат дека ЕУ ќе се согласи зашто никој не сака брегзит без договор, што двете страни би ги чинел економски штети од стотици милијарди евра и десетици илјади загубени работни места. Сепак, никој не е сто отсто сигурен, нагласува лондонски „Гардијан“.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вчера порача дека ќе бара од 27-те лидери на ЕУ да се согласат на подолгорочно одложување на брегзит ако Британија смета дека времето е неопходно за да ја преразгледа својата брегзит-стратегија и за да изгради консензус за неа. Ваквиот став оди во полза на британската премиерка Меј, која најави дека одново ќе го стави нејзиниот договор на гласање во парламентот, но ако тие и третпат го отфрлат, тогаш ќе биде принудена да бара долгорочно одложување на брегзит.

Европските лидери претходно беа построги во оцените, па и самиот Туск нагласи дека Британија мора да даде „веродостојно оправдување“ за одложување на брегзит и за конкретниот рок. Но засега е нејасно што точно претставува „веродостојно оправдување“. На пример, координаторот за брегзит на Европскиот парламент, Ги Верховстад, изјави оти е против одложување на брегзит, дури и за 24 часа, ако тоа не е засновано на јасна мнозинска поддршка од британскиот парламент за одредено решение. За други, пак, оправдувањето значи време за одржување предвремени избори или втор референдум. Во однос на прашањето за роковите, една опција е да има „техничко“ одложување од два-три месеци за да може парламентот да усвои закони за брегзит и да го прифати договорот. Но сега, кога пратениците го отфрлаат договорот, ЕУ стравува дека Британија може без договор да излезе пред европските избори на крајот од мај. Од друга страна, долго одложување на процесот ќе значи дека ЕУ и Британија ќе заглават со брегзит најмалку уште три месеци, па дури и до две години, додека се трупаат разни други економски и политички прашања.

Од другите европски престолнини стигнуваат разни пораки, но главно сите сакаат брегзит со договор. Од Берлин велат дека голем дел од довербата е загубен, дека има фрустрации, но дека сѐ уште се надеваат на договор. Владата на канцеларката Ангела Меркел смета дека сѐ уште има можност за договор. Од Париз, пак, се очекува да бара конкретни услови што Британија мора да ги исполни, особено ако сака долгорочно продолжување на преговорите. Како што наведува Би-би-си, во разни кругови се спомнува дека добра причина за одложување би биле предвремени избори или нов референдум во Британија.

Од Варшава, пак, стигнуваат спротивставени пораки. Додека едни нагласуваат дека Британците веќе решија дека сакаат брегзит, па секакво одложување или откажување би значело понижување на волјата на мнозинството, други се залагаат за одложување зашто сметаат дека во спротивно би имало брегзит без договор, што би било најлошо сценарио.
Холандија и Италија исто така изразуваат подготвеност за продолжување на роковите, но нагласуваат дека Британија мора јасно да каже што сака и колкаво одложување сака за тоа да може да се спроведе најбезболно. 


Брегзитерите лобираат за европско вето

Британските евроскептици лобираат кај десничарските влади во Европа да стават вето на одложувањето на брегзит за да се осигурат дека Британија ќе излезе од ЕУ на 29 март без договор, објави лондонски „Гардијан“.
Доволно е само една од 27-те други членки на ЕУ да стави вето за британското барање за одложувањето да биде отфрлено. Експертите оценуваат дека се мали шансите владите на Унгарија, Полска или на Италија да стават вето, бидејќи имаат поважни битки во ЕУ, но дека лобирањето на евроскептиците само покажува колку се поделени Британците во однос на ова прашање.

Макрон, Меј и Меркел: за да се одложи брегзит, сите лидери на ЕУ мора да дадат поддршка