Британија би можела наскоро да добие и нов премиер, доколку пратениците од Конзервативната партија ѝ изгласаат недоверба на премиерката Тереза Меј во нејзиното лидерство со партијата

Британија сѐ повеќе тоне во политичкиот хаос околу брегзит, а премиерката Тереза Меј синоќа се соочи со гласање за доверба во нејзиното лидерство во Конзервативната партија. Гласањето за доверба во нејзиното лидерство следуваше откако беа собрани неопходните 48 писма од пратениците на владејачката партија. Доколку ѝ биде изгласана недоверба, тогаш ќе се избира нов партиски лидер, а со тоа Британија ќе добие и нов премиер. Меј стана премиерка токму на „славата“ на брегзит, односно излегувањето на Британија од ЕУ, но парадоксално е тоа што сега токму тоа е и причината што се гласаше за нејзиното водење на партијата. Откако неодамна со Брисел го постигна договорот за брегзит, британската премиерка е цел на домашните критики, а посебно на конзервативците, пренесуваат светските медиуми.

Во првата реакција откако беше објавено дека ќе се гласа за нејзиното лидерство, Меј порача дека промената на лидерството во Конзервативната партија сега ќе ја загрози безбедноста на Британија и ќе создаде неизвесност кога најмалку е потребно.
– Изборот на лидерство нема да ги промени основите на преговорите или парламентарната аритметика. Недели потрошени на саморастргнување само дополнително ќе ги зголемат поделбите, додека треба обединето да ѝ служиме на нашата земја. Ништо од тоа нема да биде во интерес на нацијата – истакна шефицата на британската влада.

Таа се осврна и на прашањето за брегзит, кое може да стави крај на нејзиното лидерство на Конзервативната партија, како и на нејзината премиерска кариера.

– Остварувам напредок во разговорите со лидерите на ЕУ и ќе го испочитувам резултатот од референдумот. Конзервативците треба да изградат земја што функционира за сите и на народот да му го испорачаат брегзит за кој гласаа. Беспоштедно им се посветив на овие задачи уште откако станав премиерка и подготвена сум да ја завршам работата – порача Меј.

Доколку го добие мнозинството од гласовите на конзервативните пратеници и не ѝ биде изгласана недоверба, тогаш нејзиното лидерство не може да се доведува во прашање најмалку една години. Доколку загуби на гласањето, Меј ќе мора да поднесе оставка на чело на партијата, конзервативците ќе избираат нов лидер, а таа нема да може да се кандира. Исто така, според Би-би-си, можна опција е Меј да победи, но не со убедливо мнозинство, по што би можела да донесе одлука да поднесе оставка од лидерската функција во партијата. Поради фактот дека Конзервативната партија е најголема партија во Долниот дом на британскиот парламент, се очекува нејзиниот лидер да биде премиер. Па, така, ако Меј замине од лидерската позиција, Британија најверојатно ќе добие и нов премиер. Процесот на избор на нов лидер на конзервативците може да потрае и до шест недели, во текот на кој се очекува Тереза Меј да остане на функцијата како технички премиер.

Сето тоа значи неизбежно и одолжување или, пак, и одложување на процесот за брегзит. Британскиот министер за правда Дејвид Гок изјави дека Британија би морала да го одложи своето излегување од ЕУ, ако пратениците на Конзервативната партија изгласаат недоверба во лидерството на Меј.

– Кога станува збор за преговорите за кој било тип аранжман со ЕУ, мислам дека е неизбежно одложување на активирањето на членот 50, ако таа загуби на гласањето – истакна Гок.

Тој порача оти не верува дека Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март наредната година, како што е претходно планирано.