Фото: Игор Бансколиев

ПОПИСОТ ОД ЕДЕН ПОИНАКОВ АГОЛ

Британија објави дека размислува да го укине пописот на населението по 2021 година, кој континуирано го спроведува речиси два века. Островот бара поевтини алтернативи на сложената статистичка операција, која се очекува да достигне речиси една милијарда фунти. И додека Британија од финансиски причини бара алтернативи за пописот, Македонија од политички причини веќе 18 години е без попис и без конкретни најави дали и кога воопшто ќе се одржи оваа важна статистичка операција. Последното откажување на пописот во Македонија, кој беше планиран за април 2020, е поради закажаните предвремени парламентарни избори. Македонија е единствената држава во светот што веќе две децении нема спроведено попис. Тоа практично значи дека Македонија многу пред Британија го укинала пописот. Дали е тоа резултат на некое наше визионерство и далековидост или, пак, на политичко слепило, кусогледост и страв од соочување со реалноста, проценете сами.

Директорот на британската Национална статистичка служба, Ијан Дајмонд, изјави дека пописот во 2021 година може да биде последниот што ќе биде спроведен во Британија. Дајмонд истакнува дека се разгледуваат поевтини алтернативи на прашалникот што на секои десет години им се доставува на британските домаќинства. Пописот, кој во Британија се спроведува речиси 200 години, обезбедува важни информации за населението, што им помагаат на советите и на владата да ги планираат услугите. Но Дајмонд е оптимист дека податоците од други извори може да го заменат, пренесува Би-би-си.

– Искрено, пописот е добар колку што може да биде. Но да видиме дали можеме да ги добиеме истите податоци, и тоа побргу, користејќи различни стратегии – објаснува првиот човек на британската Национална статистичка служба.
Методологијата на пописот го издржа тестот на времето, при што со текот на годините беа додавани повеќе прашања за карактеристиките на секој член на домаќинството, но трошоците достигнаа многу високо ниво. Националната статистичка служба, која е надлежна за пописот во Англија и Велс, проценува дека наредната година ќе бидат потрошени 906 милиони фунти за процесот, што е речиси двојно повеќе од трошоците во 2011 година. Пописите во Шкотска и во Северна Ирска, кои се спроведуваат во исто време, се администрираат посебно.

Дајмонд наведува дека експертите од Националната статистичка служба ќе спроведат истражување за да откријат дали може да се добијат прецизни информации преку други избори, како што се листите на општите доктори, даночните профили на граѓаните и деталите од возачките дозволи.

– Таквите административни податоци, комбинирани со регуларните големи анкети на населението, би можеле да понудат подобри и поточни информации, и тоа на поевтин и побрз начин. Ќе се откажеме од пописот, ако можеме да го повториме тоа богатство на информации. Владата ќе ја донесе конечната одлука откако ќе бидат оценети резултатите од пописот и резултатите во 2023 година – порача Дајмонд.
Во документ од 2018 година, британската влада наведе дека има амбиција по 2021 година да бидат користени други извори на податоци, иако експлицитно не посочи дека треба да биде укинат самиот попис.

Иако почетоците на попишувањето во Британија може да се лоцираат во Книгата за судниот ден од 1086 година, дури во 1801 година беше спроведен првиот официјален попис, кога беше забележано дека населението во Англија, Шкотска и во Велс е околу девет милиони жители. Сепак, статистичарите го сметаат пописот од 1841 година, кога од главата на секое домаќинство беше побарано да пополни формулар за сите што живеат на таа адреса, за прв модерен попис.