Соединетите Амеркански Држави и Велика Британија ја обвинија Русија дека во вселената тестирала проектил со кој може да се уништат сателитите во орбитата.

Државниот секретаријат на САД коментира дека е загрижен за неодамнешната употреба на нешто што личи на антисателитско вооружување.

Министерството за одбрана на Русија неодамна објави дека почнало со тестирање на работата на руската вселенска опрема со примена на нова технологија.

Во овие обвинувања против Русија, на САД сега им се приклучи и Велика Британија, само неколку дена откако истрагата откри дека британската влада значително ја потценила заканата од Русија, пишува Би-би-си.

Кристофер Форд, помошник на државниот секретар на САД за меѓународна безбедност, вчера ја нарече Москва лицемерна и обвини дека земјата сака да ја прошири совојата контрола на оружје во вселената.

– Русија сака да ги ограничи можностите на Соединетите Американски Држави – рече тој.

Харви Смит, шеф на британската вселенска администрација, исто така рече дека е загрижен за најновиот руски сателитски тест, кој има карактеристики на оружје.

– Ваквите активности не одговараат на мирна примена на вселенско истражување. Покрај тоа, на овој начин се ризикува да се создаде отпад во орбитата, кој би можел да ги загрози сателитските системи од кои зависи целиот свет – рече Смит барајќи од Русија да избегнува понатамошни тестирања од ваков вид.

Русија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Кина се меѓу повеќето од 100-те земји што се обврзаа да спроведуваат вселенски истражувања исклучиво за мирни цели и да не носат оружје во орбитата на Земјата или во вселената.