Високи претставници на ЕУ предупредуваат дека неодлучната Британија ризикува да ја напушти Унијата без договор

Високи претставници на ЕУ предупредуваат дека неодлучната Британија ризикува да ја напушти Унијата без договор. Начинот на кој британската премиерка Тереза Меј ги води разговорите за брегзит сугерира дека Британија би можела „случајно да испадне“ од ЕУ, пренесува „Дојче веле“.

Сабин Вијанд, заменичка на главниот преговарач на ЕУ за брегзит Мишел Барние, упати остри критики на сметка на Меј и нејзиното справување со преговорите за брегзит.

– Постои многу реален ризик за испаѓање. И тоа не планирано, туку случајно – истакна Вијанд.

Според неа, британската премиерка не ги информирала доволно или воопшто членовите на својата влада за деталите за брегзит во текот на 18-месечните интензивни преговори со Брисел.

– Како резултат на тоа, многу пратеници беа изненадени од содржината на договорот за брегзит што Меј го потпиша во ноември со лидерите на ЕУ – додава Вијанд.

Меј, како што оценува „Дојче веле“, сега бара измени на договорот и паралелна политичка декларација за идните односи помеѓу ЕУ и Британија, во надеж дека ќе ја добие неопходната домашна поддршка. Британскиот парламент вчера требаше да дебатира и да гласа за неколку необврзувачки амандмани на плановите на Меј, кои таа ги поднесе по гласањето на кое пратениците го отфрлија нејзиниот договор за брегзит. Поднесени се дури 14 амандмани, од кои пратениците треба да изберат неколку и потоа за нив да гласаат. Со еден од клучните амандмани се обидува да се обврзе Владата во Лондон повторно да преговара за таканаречениот „бекстоп“, кој трeба да гарантира отворена граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска по брегзит. Со друг се предлага продолжување на преговарачкиот процес за брегзит и по март.

Во меѓувреме, потпретседателот на Европската комисија, Јирки Катајнен, изјави дека би била „глупава работа“ ЕУ да направи отстапки кон Британија, кои би го ставиле Брисел во неповолна позиција само за да се постигне договор за брегзит.
– Нема причина за какви било отстапки кон Британија, која знае за последиците од напуштање на Унијата – порача Катајнен, кој е и комесар на ЕУ задолжен за вработување, раст, инвестиции.

Тој во текот на посетата на Кипар наведе дека ЕУ преговара со добра верба и оти постигнала добар договор, кој потоа беше отфрлен од британскиот парламент.
Катајнен додава и оти не гледа многу простор за маневар кога станува збор за договор, кој ќе спречи враќање на царинската контрола меѓу Ирска и Северна Ирска.
Од друга страна, другите 27 членки на ЕУ ги интензивираат нивните подготовки за брегзит без договор. Италијанското министерство за финансии соопшти дека подготвило мерки, кои би требало да ја заштитат финансиската индустрија на земјата во случај на брегзит без договор.