Извесно е дека не може да има победник во битката помеѓу Европската Унија и Полска поради владеењето на правото, иако институциите во Брисел тоа одбиваат да го признаат, пишува „Политико“.

Правните механизми кои Европската комисија ги има на располагање, вклучувајќи го и новото средство за ограничување на дистрибуцијата на парите од фондовите на европскиот буџет, се недоволни. Згора, ЕУ не може да си дозволи да влезе во војна со своја членка без да ја загрози целокупната агента на европскиот блок.

За полската влада, пак, постојат ризици да се соочи со изолација во самиот блок, додека полскиот план за финансиско закрепнување веќе наиде на застој поради загриженоста во ЕУ во однос на почитувањето на владеењето на правото. Се додека Полска им се противи на институциите на ЕУ, таа ќе се соочува со бирократски пречки, како и со бројни критики, кои веќе имаат влијание и во нејзината внатрешна политика.

Познавачите на состојбите сметаат дека ЕУ нема начин да ја принуди Полска да ја смени нејзината практика, бидејќи процесот за членот 7, кој ги предвидува причините и условите за суспензија на некоја од земјите-членки, е блокиран. Од друга страна Моравјецки истакна дека Полска нема да го следи примерот на Велика Британија и да излезе од ЕУ.

Кавгата помеѓу Брисел и Варшава беше јасно видлива и вчера за време на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур на која претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен се соочи со полскиот премиер Матеуш Моравјецки. А се смета дека борбата веќе утре ќе се пресели во нова арена, на самитот на Европскиот совет. Но и таму не се очекува конкретен резултат, освен продлабочувањето на конфликтот, заклучува „Политико“.