Австрискиот претседател Александер ван дер Белен, денеска ѝ наложи на Бригит Бирлајн, актуелна претседателка на Уставниот суд, да формира нова преодна влада во Австрија.

Бирлајн, која се смета за личност со конзервативна политичка ориентација, е првата жена во историјата на Австрија која ќе ја извршува функцијата канцелар.

Од 2018 година таа е претседателка на Уставниот суд и се смета за натпартиски кадар, но двата големи скока во нејзината кариера ги направи под владата составена од Народната партија (ОВП) и Партијата на слободата (ФПО), првин во 2003 година кога стана заменик-претседател и минатата година кога беше назначена за претседателка на Уставниот суд.

Бирлајн е именувана за мандатар за формирање преодна влада, која ќе биде во функција до формирањето на нова влада по предвремените избори што ќе се одржат во септември.

Бирлајн му се заблагодари на претседателот за довербата што ѝ ја укажал.

– Ви ветувам вам и на сите Австријци дека ќе ја оправдам довербата што ја имате во мене. Веднаш по оваа изјава, ќе почнам разговори со експерти од јавната администрација – изјави таа и најави дека во текот на следните денови ќе ги претстави и другите членови на владата.