Брз воз „ТГВ“ што сообраќа меѓу Стразбур во источна Франција и Париз излета од шините претпладнево, при што машиновозачот бил сериозно повреден, но успеал да стисне на сопирачките за итни случаи и да го запре возот, пренесува РТ.

Три други лица се полесно повредени, кондуктер и двајца од 300 патници, соопшти железничкиот оператор „СНЦФ“. Возот се движел со брзина од 270 километри на час кога излетал од шините. Тешко повредениот машиновозач бил евакуиран со хеликоптер.

– Колку што знаеме, нема сериозно повредени меѓу патниците – рече портпаролот на СНЦФ.

Спасувачките екипи биле испратени на местото на несреќата во близина на Венденхајм, на околу 15 километри северно од Стразбур, а другите возови биле пренасочени и немало прекин на услугите.

Во 2015 година, воз ТГВ на линијата Париз – Стразбур излета од шините за време на тест пред почетокот на пуштањето во употреба на линијата, при што загинаа 11 лица. Таа несреќа предизвика одложување на брзиот железнички превоз што е симбол на француската гордост и има за цел да помогне во поддршката на економскиот развој надвор од главниот град.