Брзите тестови досега беа достапни пред сѐ за медицинскиот персонал

Државите и компаниите итаат да развијат брзи и евтини тестови, со кои здравствените работници во првите борбени линии против коронавирусот ќе можат за кратко време да добијат резултати за своите пациенти. Тие може да овозможат масовно тестирање на населението и да означат промена на играта во битката против ковид-19

Државите во светот водат трка со времето да развијат што побрзи и поефикасни тестови за да го спречат ширењето на коронавирусот. Од масовноста и достапноста на овие тестови зависат одговорите на клучните прашања за државите и за здравствените работници, кои луѓе се заразени, колку се болни и колку брзо се шири заразата, а се во функција за ефикасно спротивставување на вирусот. Државите се обидуваат да најдат одговори на овие битни прашања за да можат да донесат ефикасни одлуки за справување со здравствената криза, а компаниите, пак, итаат да создадат брзи и евтини тестови, со чија помош здравствените работници во првите борбени линии против коронавирусот ќе можат за кратко време да добијат резултати за своите пациенти. Тие може да овозможат масовно тестирање на населението и да означат промена на играта во битката против ковид-19.

Германија прва во ЕУ со продажба на домашни тестови

Во меѓувреме, овие тестови за лична употреба веќе се во продажба низ неколку земји во Европа. Меѓу првите држави што веќе ги пуштија во употреба овие тестови е Германија, каде што тамошните медиуми пишуваат дека тие можеби ќе бидат чекорот по кој Германија ќе излезе од карантинот. Имено, германската влада планира од идната недела да ги презема трошоците за брзите тестови, јавува „Дојче веле“. Секој човек во земјата тогаш има право на еден брз тест неделно, кој може да го направи во центар за тестирање на коронавирус, во ординација или на работното место. Тестовите треба да ги прави школуван персонал. Во фокусот се особено деца што посетуваат градинки, ученици, наставници и воспитувачи, за да може градинките и училиштата да останат отворени. Министерот за здравство Јенс Шпан минатата недела изјави дека Владата нарачала најмалку 200 милиони тестови за лична употреба и 800 милиони брзи тестови, од кои 150 милиони се веќе во магацините на доставувачите. Тестовите за домашна употреба функционираат по истиот принцип како и брзите тестови, но брисот од нос и грло може да го земе и лаик. Претходно се дебатираше и за два теста неделно по жител, што ќе значеше околу 160 милиони тестови.

Тест за пет минути и за еден долар

Во изминатиот период, десетици компании почнаа да развиваат тестови за откривање на коронавирусот, користејќи нови технологии за побрзо дијагностицирање. Нивната цел е да развијат брз и евтин тест, со чија помош здравствените работници ќе можат за кратко време да добијат резултати за своите пациенти. На светските пазари цените на тестовите се движат од 1,5 долар нагоре, а кај нас сѐ уште се околу 25 долари.

– Земате примерок од пациентот, обично брис од нос или од грло, го ставате во кертриџ, а тој во машина, потоа притискате копче и за 30 минути добивате дијагноза. Тоа е главната цел кон која се стремат овие компании – вели еден здравствен експерт, посочувајќи дека друга цел е тестовите да се произведуваат во големи количества.
Инаку, досегашното искуство покажа дека можноста за добивање навремена дијагноза за ковид-19 во најголема мера зависи од местото на живеење. Додека едни држави сметаат дека треба да тестираат само лица што манифестираат симптоми, други се стремат кон масовно тестирање за да откријат што повеќе симптоматски и асимптоматски случаи и да го спречат ширењето на пандемијата. Во меѓувреме, на граѓаните им останува да се придржуваат на индивидуалните мерки за запирање на коронавирусот, како физичко дистанцирање, работење од дома или самоизолација. Од друга страна, владите мора да направат сѐ да ги применуваат стратегиите на тестирање што досега се покажаа како најефикасни во сузбивањето на пандемијата на коронавирусот, дури и ако тоа значи инвестирање во што повеќе тестови за масовно тестирање, зашто придобивките се непроценливи.


Тестови за лична употреба и во супермаркети

Големите синџири супермаркети за храна и дрогерии, како и аптеките низ Европа, веќе почнуваат со продажба на брзи тестови за домашна употреба. Значи, тестови што може секој сам да си ги направи без претходна обука. Минатата недела прв стартуваше „Алди“ (по цена од 24,99 евра за пет теста), а од идната недела ќе се приклучат и ДМ и „Росман“, како и „Лидл“, „Кауфланд“, „Едека“, „Нето“ или „Реве“, каде што, според најавите, тестовите треба да стигнат наскоро.