Излегувањето на Британија од Европската Унија без договор би можело да ја чини Германија 100.000 работни места, покажуваат резултатите од најновото истражување објавено во „Велт ам зонтаг“.

– Ниту во една друга земја ефектот на вкупната вработеност не е толку голем како во Германија – предупредува Оливер Холтемоелер, еден од авторите на истражувањето.

Холтемоелер додава дека со истражувањето се опфатени само тие ризици за губење на работните места што се резултат на падот на извозот поради новите царини на увоз во Британија во случај на нерегулиран брегзит, а не се земени предвид ризиците по пазарот на трудот поради губење интерес за вложување.

Најверојатно автомобилската индустрија во Германија ќе биде најпогодена, со намалување на извозот во случај на брегзит без договор. Во однос на бројот на вработени, најпогодени би биле фабриките „Фолксваген“ во Волфсбург и „Бе-ем-ве“ во Баварија, односно околу 800 лица би можеле да го загубат работното место. Според истражувањето, 612.000 лица во светот би можеле да ја изгубат работата во случај Британија да ја напушти Унијата без постигнат конечен договор.