Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ соопшти дека би можела да го намали рејтингот „АА“ на Велика Британија поради се поголемата несигурност во врска со преговорите меѓу Лондон и Брисел, а во случај на Брегзит без договор, британската економија може да влезе во рецесија.

-Фич верува дека Брегзит без договор би довел до значајни нарушувања во економијата и трговијата на Велика Британија, барем краткорочно – се наведува во соопштението од агенцијата, во кое се додава дека е можно намалување на кредитниот рејтинг и на централната Банк оф Енгланд.

Фич наведува дека растот на британската економија ќе биде под влијание од тоа како ќе се спроведе Брегзит, кој треба да се случи на 29 март. Во последното тромесечје од минатата година растот се забави на само 0,2 отсто, од 0,6 во претходниот квартал, што значи дека во 2018 година економијата имала раст од 1,4 отсто, наведува Фич. Доколку Британија ја напушти ЕУ без договор за трговија, граници и останати прашања, ќе се соочи со ризик од рецесија, која би можела да биде со ист интензитет како онаа од почетокот на `90-те години, кога во шест тромесечја бруто домашниот производ падна за два отсто. Фич оценува дека Брегзит без договор ќе биде избегнат, при што БДП во оваа година може да порасне за 1,6, а во 2020 година за 1,8 отсто.