Германија годинава ќе бара достоен наследник на Меркел, а пред големи одлуки ќе бидат гласачите и во Холандија, Велика Британија и во други европски земји

Стариот Континент годинава пред повеќе важни гласачки циклуси

Граѓаните низ Европа во повеќе значајни држави оваа година ќе можат да го дадат својот глас на изборите закажани во нивните земји, а со тоа ќе имаат потенцијал да го променат политичкиот пејзаж на Стариот Континент, кој полека излегува од годината што беше обележена со корона-кризата. Иако пандемијата и натаму ќе биде причина за одложување на изборите, сигурно е дека од власта ќе се повлече Ангела Меркел, долгогодишната лидерка на Германија и практично на Европа, додека други врвни политичари ќе се соочат со можни референдуми за нивното владеење во текот на пандемијата. Ова меѓу другото го наведува магазинот „Политико“ и дава своја анализа на претстојните поважни избори во Европа.

Претседателски во Португалија, а парламентарни во Холандија

Прва од земјите во ЕУ што ќе се соочат со избори ќе биде Португалија, и тоа на 24-ти месецов. Во португалските анкети засега води центристичко-десничарската партија на актуелниот претседател Марсело Ребело де Соуза, со над 60 отсто поддршка кај народот, што е доволно за победа. Сепак, неговите двајца најголеми противници привлекуваат големо внимание во медиумите, а тоа се социјалистичката поранешна европратеничка Ана Гомеш и ултрадесничарот Андре Вентура, кој во 2019 година ја основа партијата Чега (Доста е). И двајцата противкандидати на Соуза најавија големи промени во политиките на земјата доколку тие ја земат власта во своите раце. Во меѓувреме, актуелниот премиер на Холандија, Марк Руте, е еден од ретките европски лидери што одлучија да се кандидираат за четврти мандат на изборите закажани за 17 март. Со предноста во анкетите, неговата Партија за слобода и демократија (ВВД) се очекува да освои 37 пратенички места. На претходните избори, ВВД имаше мало мнозинство во Владата и мораше да коалицира со три други партии, како конзервативната Христијанско-демократски апел, социјаллибералната Д66 и конзервативно-зелената Христијанска унија. Сепак, треба да се внимава и на ултрадесничарските партии во земјата, кои добија голема поддршка на последните провинциски избори. Голема популарност ужива докажаната ултрадесничарска Партија за слобода на Герт Вилдерс, која е веднаш зад онаа на Руте, со шанси да освои 24 пратенички места, каде што најави радикални промени во однос на политиките во земјата, но и со ЕУ.

Бугарија, Шкотска и Велс напролет избираат нови премиери

Во меѓувреме, бугарските парламентарни избори, по повеќемесечни антивладини протести, ќе се одржат некаде пред летото. Демонстрантите во изминатите месеци бараа оставка од Бојко Борисов поради обвиненијата за корупција и силните врски меѓу Владата, олигарсите, судството и безбедносните служби. Според „Еурактив“, актуелниот премиер Борисов за да добие поддршка од малата националистичка партија во неговата владејачка коалиција ѝ стави вето на Македонија за нејзиниот влез во Европската Унија (ЕУ). Останува да се види дали ќе има нова коалиција по парламентарната трка, со тоа што засега владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) води со 28 отсто во анкетите. Паралелно со ова, некаде во слично време напролет, поточно во мај, во парламентарната трка во Шкотска повторно ќе учествува актуелната премиерка Никола Старџен, која вети нов референдум за независност поради незадоволството од брегзит и зголемената поддршка за отцепување од Кралството. Во Велс исто така претстојат парламентарни избори, додека во Англија се закажани локални избори.

Кој ќе биде новиот наследник на Меркел?

Големо прашање не само во Германија туку и во Европа оваа година ќе биде и прашањето кој ќе ја наследи канцеларската позиција на Ангела Меркел. Досега помладата коалициска партија на социјалдемократите (СПД) предложи кандидат за оваа позиција, и тоа министерот за финансии Олаф Шолц. Покрај идниот германски канцелар, лидерската трка ќе го одреди новиот шеф на Демохристијанската унија, кој ќе се избира на средината на овој месец. Кандидати за таа позиција се Армин Лашет, гувернерот на Северна Рајна-Вестфалија, Норберт Ретген, и корпоративниот адвокат Фридрих Мерц. Не треба да се заборави дека Маркус Содер, кој е лидер на Баварија и на сестринската ЦСУ и истовремено има одличен рејтинг во справувањето со пандемијата, е можно да биде новиот наследник на Меркел.


Секретарката за образование Бетси де Во и секретарката за транспорт Илејн Чао минатиот четврток беа меѓу првите највисоки функционери во американската администрација што поднесоа оставки поради немирите што избија во знак на поддршка на Трамп. Во својата изјава, Чао, која е сопруга на Мич Меконел, лидерот на републиканците во Сенатот, посочи дека насилниот напад на Конгресот „толку длабоко ја вознемирил што не можела да остане рамнодушна“. Де Во во својата оставка го обвини претседателот затоа што ја поттикнал реакцијата на толпата. Таа напиша дека „неговата реторика дефинитивно влијаела врз состојбата и токму тоа било одлучувачки момент за неа“. Мик Малвејни, специјалниот американски пратеник во Северна Ирска и поранешен шеф на кабинетот во Белата куќа, вели дека „многу се преиспитувал“ пред да ја поднесе својата оставка од актуелната американска влада. Федералната управа за авијација (ФАА) доцна во четвртокот соопшти дека пет привремени вработени од вчера официјално се во оставка од нивните функции поради нападот на Конгресот, меѓу кои и е вториот човек во агенцијата.