Автор: Мајкл Стот

Фајненшл тајмс

Многу религии на верниците им велат дека има живот по смртта, но благословите се делат многу побрзо во  на царството божјо во Бразил, а се гарантира дека ќе добиете резултати веднаш откако ќе си заминете од верскиот храм.

На два и пол часовната утринска, неделна богослужба се собираат дури 10.000 верници во Храмот на Соломон, кој изгледа идентично како оригиналниот во Ерусалим и се наоѓа во работничката населба Браз во Сао Паоло. Огромната бразилска верзија на споменикот од Стариот завет во Ерусалим располага со такви удопства што дури и самиот цар Соломон би позавидел: климатизација, удобни седишта како во кино-сала, огромни екрани, озвучување како на рок-концерт и огромен подземен паркинг.

Евангелието, кое го проповеда самопрогласениот епископ и основач на црквата Едир Маседу, е „теологија за просперитетот“, односно порака за самопомош, труд и строга дисциплина во стилот на Маргарет Тачер. Вредностите за кои проповеда Универзалната црква и нејзините евангелски браќа и сестри, не само што ги менуваат верските ставови на Бразил, туку и неговата политика. Ова прво се забележува за време на неделната богослужба во која се споменува ултрадесничарскиот претседател на државата.

– Сигурен сум дека претседателот Жаир Болсонаро одлично ќе се покаже, затоа што тој е единствениот претседател на републиката, кој е назначен од Бог – порача Маседу по што следеше бурен аплауз од присутните.

Првичните мисии на американските пентокосталци резултираа со појавата на првите бразилски евангелски цркви на крајот на минатиот век. Експертите проценуваат дека над една петтина од Бразилците сега се евангелски протестанти, додека некогаш доминантните католици, се смета дека ќе станат малцинство до 2022 година.

– Универзалната црква многу вложи во концептот на просперитет. За Едир Маседу, просперитетот се остварува преку борбата за верата – објаснува Андреј Мендонса, експерт по религија на Високата школа за маркетинг и рекламирање во Сао Паоло.

Новиот верски пејзаж се забележува и во Бразилија каде што 118 функционери се евангелисти, меѓу кои и Едуардо, синот на претседателот. Повеќето од нив го поддржуваат Болсонаро кој е роден како католик, но ја променил верата и во 2016 година бил повторно крстен од страна на евангелски пастор во реката Јордан во Израел.

Поддршката на евангелистите исто така е важна за владата во однос на општествените прашања. Кога полицијата влезе во сиромашната населба Параизополис во Сао Паоло да растера гласна улична забава, девет млади луѓе беа убиени во нередите кои избија.

Марко Фелисијано, конгресмен и нео-пентокосталски пастир, веднаш реагираше на Твитер, порачувајќи дека „медиумите кои поддржуваат бандити остро ја критикуваа полицијата и беа неправедни кон лицата кои прославувале“.

– Сакам да знам како би постапиле тие новинари ако четири дена од неделата не можат да спијат, затоа што насилници ги претворија улиците во современа верзија на Содома и Гомора – напиша тој на Твитер.

Пауло Геџес, министерот за економија на Болсонаро, неодамна беше забележан во Конгресот како носи бразлетна со стих од Библијата, која ја добил на подарок од еден евангелски пастир и бил многу задоволен што ја имаат евангелската поддршка. Геџес води сопствена света војна за во неговата држава да ја воведе економијата на слободен пазар за која научи од Милтон Фридман. Пораката на Универзалната црква дека не се живее од државна помош е музика за неговите уши.

Неделната богослужба беше емитувана на огромни екрани и беше прикажана приказната за верникот, кој од собирач на ѓубре на 17 години, успеал да стане дел од буржоазијата. Сега, како успешен адвокат и горд сопственик на три стана, доби покана од Маседу да ја сподели сопствената посветеност кон црквата која му го променила животот. Постојано беше нагласувано дека строго се придружувал кон правилата кои наложуваат верниците да одделуваат една десетина од нивните приходи за црквата, дури и кога заработуваат само од собирање на отпад.

Мендонса вели дека пораката е во претприемачки стил. Тој вели дека „потполно истите нешта се слушаат на семинарите за претприемачи, кога се добиваат совети за лична мотивација, за начинот на работење, за креативноста и за преземањето ризици“.

Оваа формула се покажа како многу успешна за Маседу. Списанието „Форбс“ процени дека неговото богатство изнесува 1,1 милијарда долари, со што тој е еден од најбогатите верски лидери во светот.

Превод:Билјана Здравковска