Поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон ја повика премиерката Тереза ​​Меј да се откаже од нејзините предлози за Брегзит, со што го зајакна притисокот врз неа, во пресрет на годишната конференција на нејзината поделена партија која треба да се одржи за два дена.

– Сега е време да се промени курсот на преговорите и да се даде предност на амбициите и потенцијалот на Брегзит, пишува Џонсон во денешното издание на весникот „Дејли телеграф“, нудејќи алтернативен план за Брегзит составен од шест точки.

– Гледаме колективен неуспех на владата и немање волја на британската врхушка да ги исполни задачите кои и ги дадоа луѓето, истакнува тој.

Само шест месеци пред датумот на кој се очекува Велика Британија да излезе од Европската унија, има многу неизвесности. Тереза ​​Меј се уште нема постигнато договор со ЕУ за разделбата, а неистомислениците во нејзината партија се закануваат дека ќе го отфрлат секој договор што таа ќе го договори.

Џонсон, еден од најгласните поддржувачи за излез од ЕУ на референдумот во 2016 година, во јули поднесе оставка како министер за надворешни работи поради предлозите на Меј за Брегзит, опишувајќи ги како „присилна вазална зависност“.

Меј во неколку наврати изјави дека нејзините предлози се единствените кои се изводливи.