Британската конзервативна партија ќе избира нов лидер меѓу Борис Џонсон и Џереми Хант, кој ќе биде и нов премиер на државата.

По серијата гласања, Џонсон и Хант останаа единствени кандидати со најголема поддршка, додека од трката се елиминирани министерот за екологија Мајкл Гоув и министерот за внатрешни работи, Саџид Џавид.

Џонсон во последниот круг од гласањето доби 160 од 313 гласови и важи за голем фаворит во пресрет на изјаснувањето на околу 160.000 членови на Конзервативната партија. За Хант гласале 77 пратеници.

Победникот, кој на чело на партијата и на Владата, ќе ја замени премиерката Тереза Меј, ќе биде познат на крајот на јули. Меј на 7 јуни поднесе оставка поради неуспехот во извлекувањето на Британија од ЕУ во предвидениот рок.