Борис Џонсон го обвини Иран за нападот врз рафинеријата во Саудиска Арабија и е подготвен да го поддржи воено Доналд Трамп, пренесуваат „Индипендент“ и „Гардијан“.

Британскиот премиер изјави дека постојат „многу големи шанси“ дека Техеран стои зад катастрофалниот напад во кој беше намалено половина од саудиското производство на нафта и воедно ги подгреа тензиите за војна.

Сликите од местото на настанот покажуваат дека имало „остатоци од крстосувачки ракети од иранско производство“, како што додаде еден британски претставник, со што се негира тврдењето дека Хутите стојат зад нападот.

Џонсон порача дека сè уште не решил каков ќе биде неговиот одговор, но истакна дека го поддржува американскиот став дека „мора да се работи повеќе на одбраната на Саудијците“. На новинарите им соопшти дека „будно ќе го следи развојот на настаните и доколку Саудијците или Американците побараат од него да заземе став, тогаш ќе разгледа начин за да даде корисна поддршка“.

Досега, Обединетото Кралство одби да ги поддржи обвиненијата на Трамп за инцидентот од 14 септември. Но пред обраќањето пред генералното собрание на ОН, тој изјави дека „неговата држава верува дека многу е веројатно Иран да стои зад нападите на рафинеријата“.

– Сметаме дека Иран навистина користел дронови и крстосувачки ракети. Тешко е да се организира заеднички светски одговор и воено ќе работиме со нашите американски и европски пријатели да изнајдеме соодветен одговор – порача Џонсон и додаде дека целта на заедничкиот одговор е да се „намалат тензиите во Персискиот залив“, покрај можната воена помош за Ријад.

Џонсон во својата изјава додаде дека целта била да го обедини светот околу тоа што се случи во Саудиска Арабија. Исто така тој стави до знаење дека ќе го предизвика иранскиот лидер Хасан Рохани и ќе протестира против притворањето на Назанин Загари-Ретклиф.