Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска изјави дека Европска унија разговара за политичка, а не миграциска криза.

– Имаме 90 проценти помалку мигранти денес отколку пред две години. Системите, како што е шенгенскиот информатички систем е оперативен, но проблемот е од политичка природа – оцени Борисов.

Тој наведе дека постојат два пристапа во решавање на проблемот со илегалната миграција.

– Денес сите зборуваат за проблемот на Грција и на Италија, но никој не ги спомнува Шпанија и Бугарија… која примени еден пристап, кој покажа резултати. Ние работевме на борба против миграцијата, инвестиравме во технологија, купивме бродови – посочи Борисов.

Тој истакна дека Бугарија од ЕУ добила 150 милиони евра помош за разлика од Грција која добила 560 милиони. Исто така наведе дека границата меѓу Бугарија и Турција е со иста должина како и границата Грција – Турција, но Бугарија нема проблеми со мигрантите.

– Добро е да се запамти дека Бугарија беше речиси под ист притисок како и Грција. Ве повикувам да дојдете да видите како изгледа нашата граница. Има мигранти, но малку – посочи Борисов, додавајќи дека мора да се најде практичен начин за примена на тоа што е договорено на Самитот на ЕУ.