Министрите за надворешни работи на земјите од Европската Унија ќе одржат итна видеоконференција за ситуацијата во Авганистан на 17 август, напиша на Твитер високиот дипломат на ЕУ, Јозеф Борел.

„Следејќи ги најновите случувања во Авганистан и по интензивните контакти со партнерите во изминатите денови и часови, решив да свикам вонредна видеоконференција на министрите за надворешни работи на ЕУ утре попладне за прва проценка“, се вели во твитот.

ЕУ во моментов е загрижена поради потребата да го евакуира својот дипломатски и технички персонал од Кабул и да им обезбеди азил на авганистански државјани кои работеа за европските мисии во последните две децении во Авганистан.