Европската Унија е подготвена да ѝ даде на Белорусија три милијарди евра доколку претседателот Александар Лукашенко биде сменет од власт и се случи демократска транзиција, изјави денеска Жосеп Борел, високиот претставник на ЕУ за безбедност и надворешна политика.

Претходно, Европската комисија извести дека му претставила на Советот план за економска поддршка на „идната демократска Белорусија“.

– Ние сакаме да ја покажеме нашата посветеност кон народот на Белорусија. Тој план ќе се активира кога Белорусија ќе ја започне транзицијата кон демократија, а не пред тоа. Лукашенко не е среќен од оваа идеја – рече Борел во Лисабон, каде што присуствува на неформален состанок на министрите за одбрана на ЕУ.

Пакетот од три милијарди евра вклучува грантови и заеми за да ѝ се помогне на Белорусија да ја стабилизира својата економија и да ги реформира своите институции, објави Европската комисија. Парите би дошле од различни извори во рамките на ЕУ.

Лукашенко, пак, денеска во Сочи се состана со рускиот претседател Владимир Путин.

– Не знам дали се одржа или не, нивниот состанок, не сум запознаен со тоа. Путин и Лукашенко не ме информираат за нивните агенди, па затоа не знам. Путин е силен поддржувач на Лукашенко, тоа е јасно, но не знам ништо за нивната средба – рече Борел.

Во исто време, Европската Унија има намера да ги засили санкциите против Белорусија откако властите на земјата го принудија авионот на „Рајанер“ да слета во неделата и уапсија опозициски активист.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека санкциите можат да ги опфатат клучните компании во секторот ѓубрива и дека ЕУ може да ја спречи белоруската влада да издава обврзници во Европската Унија. Министрите од 27-те земји на ЕУ размислуваат за проширување на списокот на лица подложени на санкции. По претседателските избори минатата година, 88 лица блиски до режимот и седум компании се под санкции на ЕУ, анализираат медиумите.

Белорусија не требаше да биде тема на неформалниот состанок на 27 министри за надворешни работи на ЕУ собрани во Лисабон, но со оглед на актуелните настани околу присилното слетување на авионите, оваа тема беше ставена на дневен ред.