Крвавите борби продолжија во пристанишниот град Ходеида на западот на Јемен, каде што во последните 24 часа загинаа 150 луѓе, во време кога Обединетите нации(ОН) и западните земји го засилуваат притисокот за прекин на конфликтот.

Одговарајќи на прашање околу можноста за примирје, портпаролот на коалицијата што се бори против бунтовниците, саудискиот полковник Турки ал-Малики, пред новинарите изјави дека операцијата продолжува.

Провладините сили сакаат со офанзивата да го „засилат притисокот“ врз побунетите Хути, кои ја контролираат Ходеида и престолнината Сана, за да ги принудат да се вратат на преговарачка маса.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди на „катастрофалните“ последици од евентуално уништување на пристаништето во Ходеида, преку кое во земјата влегува три четвртини од увозот, како и меѓународната хуманитарна помош.

Побунетите Хути, кои се потпомогнати од Иран, пружија жесток отпор на провладините сили кои воено се помогнати од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Офанзивата на лојалистичките сили на Ходеида започна во јуни, но се заостри по 1 ноември и во која досега загинале најмалку 594 луѓе, меѓу кои 461 бунтовник, 125 лојалисти и осум цивили, се дознава од воени извори на провладините сили.

Во конфликтот од 2015 година загинале околу 10.000 луѓе, во главно цивили, а повеќе од 56.000 се ранети.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео повика да прекинат борбите во Јемен и соопшти дека следниот месец треба да започнат преговорите под покровителство на ОН за ставање крај на граѓанската војна.

Помпео посочи дека ракетните напади врз Саудиска Арабија од страна на иранските бунтовнички сојузници Хути треба да престанат, додавајќи дека коалицијата предводена од Ријад треба да стави крај на воздушните напади во сите населени места во Јемен.