Полицијата на Хонгконг фрли солзавец врз толпата откако илјадници луѓе излегоа на улиците за да протестираат против објавата на Пекинг дека ќе воспостави национални безбедносни закони врз полуавтономната територија, пишува „Гардијан“.

Маршот и собирот во бизнис областа не се одобрени па се стравуваше од жесток одговор на полицијата. Полициските сили, оклопните возила и водените топови излегоа на терен низ градот, вклучително и пред канцеларијата за врски со Кина, предупредувајќи ги луѓето да не маршираат.

Ситуацијата набргу ескалираше откако дојде до еден од најмасовните собири по почетокот на пандемијата, непочитувајќи ги мерките за социјално дистанцирање. Полицијата набргу ги предупреди да се разидат од собирот, пред таа да употреби сила.

Триесет минути по почетокот на масовниот марш полицијата употреби солзавец. Дуќаните и зградите ги затворија вратите, а луѓето се разбегаа по споредните улици, пред повторно да се вратат на главната улица на која маршираа.

Полицијата соопшти дека дел од демонстрантите ги нападналe нивните сили и оти фрлале цврсти предмети. Беа објавени снимки на кои дел од демонстрантите фрлаа пластични шишиња, чадори и гранки кон полицајците. Можеше да се забележи како демонстрантите се движат низ најфреквентните делови од градот, запирајќи го сообраќајот. Полицијата уапси неколкумина од учесниците на протестот.

–  Ќе излезам дури и да ризикувам апсење. Ќе се борам до последниот здив – вели учесничка на протестите во изјава за „Гардијан“.

Демонстрантите скандираа „независност на Хонгконг е единствениот начин“, „борете се за слобода, застанате покрај Хонгконг“, „слава за Хонгконг“…