Функцијата на Јутјуб дизајнирана за да го запре ширењето на дезинформации, предизвика забуна меѓу корисниците за време на пожарот што ја зафати катедралата Нотр Дам во Париз, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Повеќемина гледачи кои го следеа разорниот пожар на Јутјуб, посочија дека во преносите во живо и во вестите објавени на популарната платформа за видеа, забележале информации поврзани со терористичките напади врз Светскиот трговски центар во Њујорк кои се случија на 11 септември 2001 година.

Ваквата забуна се должи на алгоритмот на Јутјуб кој е наменет автоматски да одредува кога станува збор за ударни вести и да го прикачува информативниот панел на одредено видео. Ваквата функција е достапна само во САД и во Јужна Кореја, а има за цел да обезбеди вести од веродостојни извори и да детектира видеа за теории за заговор и лажни вести.

Досега нема извештаи дека пожарот во катедралата Нотр Дам е поврзан со терористички напад, па затоа е нејасно зошто Јутјуб би ги поврзал двата настани.