Претседателот на Република Чешка, Милош Земан, денеска ја критикуваше глобалната борба против климатските промени, нарекувајќи ја претерана и коментирајќи дека дебатата за климатските промени станува нова религија.

– Дебатата за климатските промени станува нова религија. Затоа, дозволете ми да бидам еретик – рече седумдесет и петгодишниот Земан во традиционалното божиќно обраќање, емитувано на телевизија.

Земан предупреди дека Европа мора да биде претпазлива да не стане економски послаба од другите делови на светот, заради мерките на животната средина.

– Теоретски може да се случи индустријата да премине таму каде што енергијата е поевтина и ЕУ да стане еколошки музеј со понизок животен стандард за своите жители – рече тој.