Откако започнаа протестите во Хонгконг во јуни, демонстрантите на своите лица носат медицински маски, работнички заштитни маски и наочари за нуркање. Тие, покрај тоа што им служат за заштита од солзавецот од полицијата, корисни се и за сокривање на нивниот идентитет.

Од почетокот на протестите, околу 700 демонстранти беа уапсени во Хонгконг. Овој викенд, тие соборија околу 50 новопоставени постојки на т.н. „паметни лампи“, кои се опремени со камери и сензори. Владините претставници тврдат дека овие постојки служат за собирање податоци како што се квалитетот на воздухот и текот на сообраќајот и не би ја нарушиле личната приватност. Демонстрантите не веруваа во ова и бараа начин да го заштитат својот идентитет.

Властите имаат многу начини за справување со демонстрантите. Полициската бруталност, цензурата на медиумите, како и исклучувањето на Интернет во одредени области или цели земји.

Дизајнерот Педро Оливеира од САД, заедно со дизајнерот Џуеди Чен, создадоа пакет за демонстранти како дел од нивниот дизајнерски проект наречен „Бекслеш“.
Пакетот има „смарт“ марама, која го крие идентитетот, но исто така пренесува пораки кои можат да се примат само преку прилагодена апликација. Пораките се отклучуваат зависно од тоа како марамата е превиткана.

Смарт банданата на „Бекслеш“

Пакетот содржи и уред кој алармира присуство на полицијата, а исто така има уред за  создавање графитни ознаки со чие читање се дознава дали одредена област е под надзор. Со создавањето на овој пакет, Оливеира докажа дека владините технологии можат да бидат победени.

Артистот Адам Харви има друг начин на борба против софтверот за препознавање на идентитетот, што е многу едноставен, а тоа е преку асиметричното нанесување на шминка на лицата.

Зак Блас од Лондон изработил „колективни маски“, користејќи се со податоците од голем број лица и создал една „колективна маска“. Тој исто така тврди дека обично софтверот препознава добро лица на мажи со бела боја на кожата, па така, доколу лицата се измешаат, софтверот ќе има потешкотии во ловење на лицата на демонстрантите.

Блас верува дека ваквата маска воошто не е детектирана од страна на софтверите за идентификација и не ги регистрира носителите дека се воопшто луѓе

Уметникот Лео Селваџо предложи едно друго решение, простетички маски од неговото лице испечатена со 3Д принтер. Со нив, се крие вистинското лице на носителот, а властите и системите за идентификација ќе бидат излажани, со што ќе мислат дека едно лице се наоѓа на повеќе места истовремено.

Маската изработена според лицето на Селваџио

Младите демонстранти најчесто користат едноставни, но ефективни решенија. Тие носат идентична облека, употребуваат билети во еден правец на кои не се внесени нивните имиња, како и сим-картички за една употреба во комбинација со апликации за комуницирање. Секако, овде спаѓаат и чадорите, кои ги штитат од солзавецот, како и од безбедносните камери низ Хонгконг.

За демонстрантите во Хонгконг, артистот Скор Урбан изработи противнадзорни очила за сонце наречени „Рефлектаблс“, кои ја рефлектираат инфрацрвената светлина, па оној што ги носи, на камерите за надзор е прикажан со заматен лик.

Борбата против „Големиот брат“ насекаде низ светот дојде до точка каде што технологиите за набљудување се поставувани без упатства, без регулативи, а населението многу малку разбира како тие функционираат. Затоа, и покрај убедувањата од властите дека камерите низ Хонгконг не се опремени со технологија за препознавање на идентитетот, демонстрантите ги уништуваат или онеспособуваат при секоја укажана шанса.