Повеќе од 4,13 милиони гласачи во Хонгконг денеска излегуваат на локалните избори, по петмесечните протести низ градот.

Окружните совети се пониските владини тела што се грижат за локалните проблеми, како градскиот превоз и објектите за рекреација. Имаат четиригодишен мандат, а еден совет е недлежен за секој од 18-те дистрикти во градот Хонгконг.

Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, во вторникот изјави дека администрацијата се надева дека ќе има избори, се додека тие можат да се спроведат на правичен и безбеден начин.

Според сегашниот изборен систем, жителите можат да избираат 94 отсто од местата во окружниот совет и половина во законодавниот (градскиот парламент).

– Ако сте подготвени да марширате низ улиците, за што се потребни крв, пот и солзи, многу полесно е да гласате. Дури и ако системот е расипан, можеме да го искористиме против власта – вели еден од учесниците на протестите.

Лидерот на градот може да биде номиниран и избран само од страна на комитет што има 1.200 членови, главно од прокинеската елита во градот.

Опозицијата се обидува да ја натера кинеската Влада да ја почитува целосната демократија за која вели дека им е ветена со Основниот закон, или мини-уставот на градот, што на жителите им дава право сами да го изберат својот лидер. Тоа е всушност едно од петте главни барања на демонстрантите и една од причините за претходните продемократски протести во 2014 година.