Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, е отворен за добивање странска помош поради големите пожари во Амазон, но само доколку неговата земја ги контролира тие пари, изјави неговиот портпарол.

Оваа објава сугерира дека Болсонаро се откажал од претходното барање францускиот претседател, Емануел Макрон, да ги повлече навредите на негова сметка пред да ја прифати понудата на Г7.

-Бразилската влада преку претседателот Болсонаро е отворена за добивање финансиска поддршка од организации или држави. Суштинска поента е дека овие пари, по влегувањето во Бразил, се под контрола на бразилскиот народ – изјави пред новинарите портпаролот Отавио Рего Барос, пренесе АФП.

Болсонаро претходно вербално се судри со Макрон околу најголемите пожари во Амазон во последните години. Оваа криза го привлече вниманието на светската јавност и може да го загрози големиот трговски договор меѓу ЕУ и земјите од Јужна Америка.

Болсонаро вчера ја отфрли понудата на Г7 за 20 милиони американски долари за борба против пожарите во Бразил и Боливија, велејќи дека Макрон треба да се грижи за неговиот дом и неговите колонии.

Подоцна, самиот Болсонаро рече дека Макрон треба да ги повлече навредите на негова сметка и дека само тогаш може да се разговара за да се прифати било што од Франција.

Францускиот лидер минатата недела го обвини Болсонаро дека го лажел за заложбите што ги направил во борбата против климатските промени и се закани дека ќе го блокира трговскиот договор чија подготовка траеше неколку децении.