Жаир Болсонаро

Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, воведе забрана за палење шуми заради добивање земјоделско земјиште и истата ќе трае два месеца.

Ова би требало да придонесе за спречување на ширењето на пожарите во Амазонија, но многумина се сомневаат дека забраната ќе даде резултати.

Локалните медуми јавуваат дека и излегувањето на терен на бразилската војска изминатиов викенд не дало резултат – повеќе од половина од 1.628 нови пожари во изминатите 24 часа избувнале во Амазонија и покрај испраќањето на 18 авиони и 3.900 луѓе.

Болсонаро е под меѓународен притисок откако шокантните снимки од пожарите во Амазон го обиколија светот, а генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предложи на крајот на септември да се одржи состанок за ситуацијата во Амазонија.