Тотално е погрешна популарната теорија за симнувањето на Ево Моралес од власта

Автори: Кит Џонсон и Џејмс Палмер

Форин полиси

 

Скорашното отстранување на боливискиот претседател Ево Моралес од функцијата поттикна многу теории особено кај левицата. Една од најистакнатите претставува идејата дека воената интервенција беше пуч со намера да се обезбеди американска контрола врз главните светски резерви на литиум.

Ова е дел од традиционалното мислење според кое се смета дека американската надворешна политика генерално е насочена на обезбедување контрола врз природните богатства со користење на сите расположливи средства. Таа е вкоренета во реалните американски практики од распоредувањето на американските маринци во одбрана на интересите на „Јунајтед фрут компани“ во Централна Америка, па до постојаните наредби на претседателот Доналд Трамп за војската да ја штити нафтата, но не и Курдите во Сирија. Но според овој пример погрешна е идејата која силно се пропагира на левичарските портали и од некои политичари.

Литиумот е неопходен елемент за производство на батерии, чиста енергија и електрични автомобили. Дали литиумот е новото „црно злато“?

Литиумот несомнено е важен за иднината на економијата, затоа што е еден од клучните елементи во производството на литиум-јонските батерии со кои се напојуваат лаптопите и дури електричните автомобили. Американските стратези се интересираат за него уште од 1960-тите години токму поради овие причини. Неговата важност дополнително е нагласена затоа што електричните автомобили сè почесто ги заменуваат стандардните автомобили. Литиумската индустрија во моментов бара начини како ќе најде ресурси за речиси двојно повеќе висококвалитетен литиум за производството на батерии до 2025 година. Ниските цени во моментов го намалуваат ентузијазмот на инвестициите што укажува на можен дефицит на резерви во блиска иднина поради што секоја држава со големо богатство на литиум станува атрактивна цел.

Но литиумот и нафтата не можат во целост да се споредат, како што смета Крис Бери, основачот на независната аналитичка куќа за метали „Хаус маунтин партнерс“. Според Бери, „постојат многу недоразбирања за идејата дека литиумот е редок и многу важен ресурс“. Тој е поразличен од нафтата и во многу други аспекти.

– Потешко е производството на литиум за батерии, што во поголема мера претставува научен и хемиски предизвик, отколку самото негово откривање и ископување – вели Бери.

Дали наглото зголемување на светската побарувачка на литиум го објаснува хаосот во Боливија?

Целосно неточна е претпоставката дека Ево Моралес беше пречка за експлоатација на боливиските резерви на литиум и дека неговото соборување од власта на некој начин ја отвори вратата за мултинационалните компании да го искористуваат боливиското минерално богатство. Над една деценија Моралес зборуваше како Боливија ќе ја претвори во центар на производство на литиум и целосниот развој на минералните ресурси на неговата држава го вклучи како главен дел во неговата економска визија. Додека Моралес зборуваше за искористување на овие ресурси за сите Боливијци да имаат придобивки, договорите кои требаше да ги овозможат овие придобивки никогаш не се спроведоа.

Владата на Моралес во изминатите години потпиша два договори вредни над три милијарди долари за производство на литиум со кинеска и со германска фирма. Пропаѓањето на договорот со германската фирма на почетокот на ноември, само една недела пред Моралес да се тргне од претседателската функција, ги подгреа шпекулациите во некои кругови дека тој бил главната пречка за искористување на боливискиот литиум. Всушност, Моралес даваше одговор на повеќенеделните протести на локалните жители во регионот Потоси (каде што Германците се надеваа дека ќе ги отворат своите капацитети), затоа што многумина во регионот сметаа дека ќе имаат мали или воопшто никакви придобивки од договорот кој нудеше многу поволни даноци за германската фирма која случајно не е моќна мултинационална фирма, туку фирма со 20 вработени без никакво искуство во ископување на литиум.

Во меѓувреме, факторите кои го предизвикаа падот од власта на Моралес одамна беа на сцена уште пред да се стави крај на договорот и дотогаш немаше никакви индикации дека следната влада ќе го врати германскиот договор, или дека кинеската фирма нема да налета на истите проблеми со локалните жители. Кинески предводените иницијативи, како што се големата брана во Мјанмар, па сè до вадењето руда во Монголија, исто така честопати не ги почитуваат потребите на локалното население како и мултинационалните компании со седишта на Запад.

Познато е дека Кина го контролира светското производство на литиум и токму затоа САД сакаат да ја предизвикаат

Кина доминира во производството на литиум-јонските батерии и од истата причина е главна во многу други области од индустријата, како што се добро образованиот кадар заедно со широка инфраструктура во комбинација со крупни владини инвестиции во електрични возила. Во изминатите неколку години, американските стратези беа загрижени за ова прашање, но проблемот не е само во недостигот на резерви на литиум, туку тоа што најголемиот дел од резервите Кина ги добива од Австралија и Чиле наместо од домашните рудници.

Боливија има најголеми светски резерви на литиум?

Да и не. На хартија, Боливија веројатно има повеќе литиумски рудници од која било друга држава. Американскиот геолошко-топографски институт проценува дека Боливија има двојно повеќе резерви на литиум во најновиот извештај, така што во февруари беше проценето дека има од околу девет милиони до 21 милион тони или речиси 30 отсто од светските резерви, а детални истражувања беа направени само во неколку области од државата. Тоа значи дека Боливија би можела да располага со уште поголеми неоткриени наоѓалишта на литиум.

Но постои голема разлика меѓу располагањето со минерални ресурси и со нивно претворање во економски остварливи минерални резерви. Терминот „ресурси“ се однесува на рудното богатство, а терминот „резерви“ на сите ресурси што можат да се ископаат или искористат по разумна цена. Тоа значи дека само дел од државните ресурси можат да се сметаат за економски остварливи резерви, а камоли конкурентни на пазарот.

Брајан Џаскула, специјалист за минерално богатство од Американскиот геолошко-топографски институт, вели дека „кога станува збор за тоа, Боливија има повеќе литиум од нејзините соседи, но прашањето е дали им е економски исплатливо да го искористуваат. Имањето на резерви не значи дека државата ќе стане успешен производител“.

Боливиските литиумски ресурси се геолошки дел од истиот јужноамерикански триаголник што опфаќа огромни литиумски наоѓалишта во соседните Чиле и Аргентина. Со колкави тешкотии може да се соочи Боливија за да го одржи чекорот со овие држави?

Тешкотиите се големи, затоа што Чиле и Аргентина имаат далеку поквалитетни резерви на литиум и поповолни климатски услови за видот на литиум што се екстрахира во Јужна Америка. Тоа значи дека се далеку попривлечен извор на литиум од Боливија, барем со сегашната технологија. Тие исто така се сојузнички на САД, како и Австралија која е друг важен производител на литиум. Со други зборови, Вашингтон нема потреба да користи сомнителни методи за да добие сомнителен извор за нешто за кое веќе има доволно резерви.

Точно е дека владата на Моралес, која беше позната по експропријацијата на странски енергетски фирми кога го започна првиот мандат, се сметаше за пречка од страна на многу странски инвеститори. Но тој беше најмал од многуте проблеми за секој што сакаше да профитира од боливискиот литиум.

За да се екстрахира литиумот од соленоводни басени, рударските компании го оставаат да испари на сонцето. Овој процес многу лесно се изведува во Аргентина и на сувите висорамнини во Чиле. Од друга страна, наоѓалиштата во Боливија се наоѓаат во пониските и влажни предели. Тоа значи дека испарувањето трае подолго отколку во соседните земји, што драстично ја зголемува цената на производството.
Боливија се соочува и со други две пречки, затоа што со тамошниот природен процес се екстрахира мала количина на литиум што значи дека се потребни поголеми инвестиции за да се ископаат истите количини на минералот од наоѓалиштата.

Поголем проблем е екстремно високата концентрација на магнезиум што е околу 20 пати повисока од онаа во Аргентина и трипати повисока од онаа во Чиле. Со сегашната технологија магнезиумовите соли се исфрлаат со помош на вар, но тоа само ја зголемува цената на екстракција. Концентрациите на магнезиум во Боливија се речиси двојно поголеми од максималните прифатливи за да се воведат конкурентски цени за екстракција, а за овој проблем нема лесно решение на повидок. Слабата боливиска инфраструктура во споредба со онаа на соседните држави исто така ја крева цената на производството.

Превод: Билјана Здравковска