Џулиан Асанж бил премногу болен за да се појави на сослушување пред судот во Лондон, изјави неговиот адвокат, а пренесе Би-би-си.

Основачот на „Викиликс“ (47) се бори против екстрадицијата во САД, поради обвиненијата поврзани со објавување на тајни на американската влада.

Тој требаше да се појави пред судот за неговиот случај по видео-врска од затворот „Белмарш“, но неговиот адвокат Герет Пирс рече дека тој не е во добра здравствена состојба.

Според „Викиликс“, Асанж бил пренесен во медицинскиот дел од затворот, а официјално лице од институцијата за веб-сајтот рече дека има големи стравувања за здравствената состојба на Австралиецот.

– За време на шесте недели во „Белмарш“, неговото здравје продолжува да се влошува, а поради тоа тој загуби и многу килограми – вели неименуваниот извор.

Пер Самуелсон, кој исто така е адвокат на Асанж, минатиот петок изјави дека здравствената состојба на Австралиецот е толку лоша што не било возможно да се разговара со него.

Министерството за правда на САД го обвини Асанж за примање и објавување на илјадници тајни докуменити поврзани со војната во Ирак и Авганистан. Американските власти бараат од Велика Британија да го екстрадира свиркачот, но Асанж формално го одби ова барање.

Асанж побара политички азил во еквадорската амбасада во Лондон во 2012 година. Тој моментално служи 50-неделна казна во затворот „Белмарш“ во југоисточен Лондон поради тоа што ги прекршил условите за слобода со кауција.

Претходно овој месец, шведските обвинители повторно го отворија неговиот случај и обивниенијата за силување, кои Асанж исто така ги отфрли.