Моделот „737 макс“, кој е најпродаван авион на американскиот гигант, се најде во фокусот на светската јавност, откако две вакви летала се урнаа, при што животот го загубија 346 лица

Авиогигантот „Боинг“ соопшти дека го суспендира производството на моделот „737 макс“, откако американската Сојузна администрација за авијација (ФАА) не даде дозвола за негово користење во 2020 година. Моделот „737 макс“, кој е најпродаван авион на „Боинг“, се најде во фокусот на светската јавност откако две вакви летала се урнаа, при што животот го загубија 346 лица. По двете авионски несреќи, над 700 летала „737 макс“ беа приземјени низ светот. Ова е првпат во изминатите 20 години „Боинг“ да го запре производството на овој модел и ваквиот чекор би можел да има големи последици за американската економија, наведува „Гардијан“.

– Безбедното враќање во употреба на „737 макс“ е наш најголем приоритет. Знаеме дека процесот за одобрување на „737 макс“ за повторно употреба и одредувањето соодветни обуки мора да бидат темелни и големи, за да се осигуриме дека нашите регулатори, корисници и летачката јавност имаат доверба во подобрувањата на овој модел – се наведува во соопштението на „Боинг“.

„Боинг“ е најголемиот американски производствен извозник и запирањето на производството може да има негативно влијание на снабдувачите во САД, наштетувајќи му на производствениот сектор во земјата, кој и веќе се соочува со големи проблеми. Суспензијата на „737 макс“ веќе доведе до откажување илјадници летови, планирани од авиокомпаниите што очекуваа нови авиони или што мораа да ги приземјат веќе купените летала.