Њујорк тајмс

Кога „Боинг“ почна да го испорачува моделот „737 макс“ на клиентите во 2017 година, компанијата веруваше дека копчето за тежински аларм во пилотската кабина беше стандардна функција за сите нови авиони. Но по неколку месеци летање на авионите, инженерите од компанијата сфатија дека тежинскиот аларм функционираше само на авионите чии сопственици купиле поинаков, дополнителен индикатор. Всушност тоа беше безбедносна карактеристика која е првокласна дополнителна опрема за која „Боинг“ сметаше дека е стандардна.

„Боинг“ детално ја наведе првичната забуна околу тежинскиот аларм во соопштението што го објави во неделата, и даде дополнителни информации за она што претходно беше познато околу пропустите во дизајнот и пуштањето во употреба на најпродаваниот авион моделот „737 макс“.

Првичниот недостиг на информации за функционалноста на карактеристиките заедно со одложеното претставување на новиот модел само ги зголемуваат сомнежите за дизајнот на моделот „737 макс“. Откритијата покажуваат дополнителни нови проблеми за „Боинг“, кои вклучуваат нарушени односи со авиопревозниците и клиентите, неколку федерални истраги, зголемени финансиски трошоци и дополнителни поправки за моделот „737 макс“ за да биде повторно пуштен во употреба.

Тежинскиот аларм ги предупредува пилотите за разлики во сензорите за тежина кои утврдуваат кој курс го зазема авионот што може да биде знак за дефект. Алармот можеше да им даде клучна информација на двата пилоти чии авиони се урнаа кратко по полетувањето во изминатите неколку месеци.

За авионските несреќи на летот 610 на „Лајон ер“ и на летот 302 на „Етиопијан ерлајнс“, прелиминарните истраги покажуваат дека постоеле проблеми со таканаречните странични сензори на почетокот на летот, при што се активирал новиот софтвер за одржување на моторите поради кој авионите нагло ја изгубиле висината и се срушиле.

Во неделата од „Боинг“ соопштија дека алармот за проблем функционирал само во авионите кои имале дополнителен индикатор кој ги пренесува информациите од страничните сензори.

Бидејќи само 20 отсто од клиентите го набавиле дополнителниот индикатор, тежинскиот аларм не функционираше на повеќето нови авиони на „Боинг“. Ниту „Лајон ер“ и ниту „Етиопијан ерлајнс“ немаа ваков индикатор во авионите. Откако се откри грешката во 2017 година, „Боинг“ направи внатрешен преглед и утврди дека недостигот на функционални тежински аларми „не влијаел негативно на безбедноста и функцијата на авионот“, како што се вели во соопштението.

Како резултат на тоа, „Боинг“ порача дека за грешката не ги информирал авиопревозниците или Федералната служба за авијација (ФАА) една година. Дури откако лани во октомври се случи авионската несреќа на летот 610 на „Лајон ер“, „Боинг“ разговараше со ФАА. Тогаш компанијата направи уште еден преглед и повторно дојде до заклучок дека недостигот на ваква функција не претставуваше закана по безбедноста и токму ова го соопшти пред ФАА.

„Боинг“ и ФАА излегоа со соопштенија за јавноста лани на крајот на годината во кои беше наведено дека тежинскиот аларм бил достапен само доколку бил набавен и дополнителниот индикатор. Ниту една изјава не разјасни дека „Боинг“ имал намера сензорите за разлики во тежината да бидат стандардна карактеристика за сите авиони.

ФАА соопшти во неделата дека „Боинг“ ја известил за проблемот во ноември и дека сметал дека истиот бил од „мал ризик“. Сепак, навремената или раната комуникација на „Боинг“ со операторите ќе помогнеше да се намали или елиминира можниот проблем. Системот за одржување на моторите направен за да ги замени новите големи мотори во моделот „737 макс“ директно го насочува надолу клунот на авионот ако страничните сензори алармираат дека постои опасност да се исклучат моторите на авионот.

Но системот се потпираше само на еден од двата странични сензори што може да предизвика пропуст во системот на летање. Во системот за одржување на моторите исто така беа направени промени при крајот на процесот за дизајнирање за да има поголем капацитет.

Авиопревозниците и пилотите не беа информирани за системот сè до несреќата на „Лајон ер“. Кога „Боинг“ на еден состанок им објасни на пилотите како функционира системот на „737 макс“, компанијата изјави дека сензорите за разлика во тежината, ќе функционираат на копно. На состанокот на крајот од ноември, „Боинг“ им соопшти на пилотите на американските авиопревозници (кои ја купија дополнителната опрема) дека сензорите за разлика во тежината ќе ги известат за наводни проблеми пред полетувањето.

– Ни беше кажано дека ако сензорот покаже разлики, како во авионот на „Лајон ер“, тогаш ќе добиеме сигнал на копно и авионот нема да полета. Ова ни даде дополнителна доверба во управувањето со овие авиони – изјави Денис Таџер, портпарол на синдикатот на американски пилоти.

Но во изминатите неколку недели, „Боинг“ имаше поинакви изјави. Таџер порача дека компанијата неодамна ги известила американските пилоти дека системот нема да ги предупреди пилотите за никаква разлика во тежината сè додека леталото не се искачи на висина од 120 метри. Портпаролот на „Боинг“ го потврди ова и нагласи дека алармот за разлика во тежината не функционира на копно и затоа пилотите на „Лајон ер“ не добиле никакво предупредување пред да полетаат. Таџер изјави дека „Боинг“ „дал информација што не била точна“ и додаде дека пилотите барале објаснување од компанијата.

Таџер, кој исто така е пилот на „737“, е загрижен дека „Боинг“ нема доволно информации за тоа како функционира моделот „737 макс“. Тој вели дека „компанијата треба да знае сè за авионот што го произведува и продава, бидејќи од него зависат животите на екипажот и на патниците што се превезуваат низ светот“.

Несреќата на „Лајон ер“ исто така го натера „Боинг“ да ги извести пилотите на „Саутвест“ за сензорот за разлика во тежината. Џон Викс, претседателот на здружението на пилоти од „Саутвест“ изјави дека „тие сметале дека системот функционира, и дека ако компанијата знаела во 2017 година, зошто тогаш направиле промени дури на крајот од 2018 година“.

Во периодот по несреќата на „Лајон ер“, „Боинг“ тајно работеше да смири дел од клиентите, според едно лице информирано за случајот. Во неколку примери, страничниот сензор се активирал слободно, а потоа и сензорот за разлики.
Авионите на „Боинг“, односно моделот „737 макс“, не летаат повеќе од еден месец откако се случи несреќата на „Етопијан ерлајнс“. Повторно ќе бидат пуштени во функција дури на крајот од ова лето. Со новите подобрувања, системот за одржување на моторите ќе има помал капацитет и нема да се потпира во голема мера на сензорите.

„Боинг“ исто така развива друг софтверски новитет со кој нема да се поврзува сензорот за разлика во тежината со страничните, кои исто така ќе бидат воведени пред „737 макс“ повторно да биде во функција.

Подготви: Билјана Здравковска