Милијардерот Мајкл Блумберг денеска се откажа од трката за претседателски кандидат на Демократската партија во САД и застана во поддршка на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден.

Блумберг (78), еден од најбогатите луѓе во светот, се повлече по лошиот настап на вчерашните внатрепартиски избори во 14 сојузни држави и една американска територија, популарно познати како „Супер вторник“.

Иако инвестираше повеќе од 500 милиони долари во кампањата, Блумберг се повлече од трката по вчерашните избори, на кои се бираа дури 1.344 од 3.979 (34 проценти) делегати, кои на Демократската национална конвенција во јули ќе одлучуваат за партиските кандидати за претседател и потпретседател на САД.

Тој вчера победи само во Американска Самоа, освојувајќи најмалку четири од шесте делегати што ги дава таа територија, додека во 14-те сојузни држави доби вкупно неколку десетици делегати.

Гласачите вчера не го поддржаа ставот на Блумберг дека тој е кандидат со најголема шанса да го победи американскиот претседател Доналд Трамп, републикански кандидат, на претседателските избори на 3 ноември.

Бајден вчера забележа одличен настап во јужниот дел на САД, во кој Блумберг вложи десетици милиони долари во кампањата, во надеж дека може да победи.