Западните медиуми пресметаа за што сѐ друго можеше да се потрошат парите од изборната кампања на Блумберг. На пример, со нив можеше да се усреќат илјадници бездомници или студенти што се задушуваат во долгови

Бившиот градоначалник на Њујорк потроши половина милијарда долари и ги загуби изборите

Американскиот медиумски тајкун и бивш градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, потроши повеќе од половина милијарда долари од личното богатство за да учествува во демократската трка за претседателски кандидат, но на крајот загуби. Изгледа парите сѐ уште не можат да ви купат цели избори, коментира „Гардијан“ за неуспешниот обид на Блумберг да стигне до Белата куќа, кој на крајот заврши како најскап изборен дебакл во политичката историја.

Резултатот од инвестираните пари е слаб бидејќи милијардерот за време на тримесечната кампања успеа да обезбеди поддршка само од 44 делегати, кои на конвенцијата на Демократската партија ќе го изберат претседателскиот кандидат што ќе му се спротивстави на актуелниот претседател Доналд Трамп. Блумберг освои само една десеттина од бројот на делегати што досега ги освои неговиот демократски противник Џо Бајден, кого на крајот и го поддржа откако и официјално се откажа од трката.

Ваквиот резултат ги натера западните медиуми да прават разни пресметки за инвестираните средства на Блумберг и да посочуваат за што друго можеле да се потрошат тие. „Њујорк пост“ пишува дека Блумберг за секој делегат потрошил по 4,8 милиони долари. Според таа пресметка, на Блумберг би му биле потребни дури 9,5 милијарди долари за да обезбеди доволно делегати и на крајот да се соочи на избори со актуелниот претседател на САД, Трамп. Според „Њујорк пост“, неуспешниот Блумберг секој ден трошел неверојатни 5,4 милиони долари, односно 227.000 долари на час. Таквото трошење на час е еквивалентно на нешто помалку од три годишни просечни приходи по домаќинство во САД, според истиот извор. Во истата пресметка се наведува и дека Блумберг добил само околу 1,6 милион гласови на изборите, што доведе до заклучок дека за секој глас плаќал околу 324 долари. „Њујорк пост“ посочува дека Блумберг можел да купува спортски суперавтомобил „ламборгини“ секој час, 24 часа на ден, за време на својата кампања.

– Барем можеше да се вози во нешто убаво. Исто така, тој потроши пет годишни плати на Њујорк никс. Ако инвестираше во нив, барем можеше да се пофали дека инвестирал во нешто поуспешно од неговата кампања – посочува весникот.
Американските медиуми нагласуваат дека Блумберг потрошил 41 милион долари само во Калифорнија, што се доволно пари за да донира по 271 долар за секој бездомник во таа сојузна држава. Милијардерот исто така потроши 33 милиони долари во Тексас, што би било доволно за да се купат 20.000 пушки за љубителите на оружје во таа сојузна држава. „Гардијан“, пак, посочува дека со парите од кампањата на Блумберг можело да се исплати долгот на 150.000 студенти, имајќи предвид дека просечниот долг е околу 37.000 долари.

Инаку, Блумберг ја прекина кампањата по лошите резултати на супервторникот, кога 14 сојузни држави ги избираа своите фаворити за претседателски кандидат. Ова е важен ден од изборната трка, зашто обезбедува дури една третина од вкупниот број делегати што му се потребни на еден кандидат за да ја добие партиската номинација. Блумберг не ги криеше емоциите и неколкупати го прекинуваше говорот за да ги запре солзите. Тој на приврзаниците им порача дека е човек што секогаш го остварувал тоа што ќе го посакал.

– Ќе продолжам да го правам тоа. Под „тоа“ мислам на безбедна земја со квалитетно регулирање на оружјето, борба против климатските промени, борба за можноста секое дете да посетува квалитетно јавно училиште, без разлика во која област се наоѓа, како и за можноста сите да имаат квалитетна здравствена заштита – рече Блумберг.
Со треперлив глас, тој им се заблагодари на соработниците за поддршката. Сепак, Блумберг ќе закрепне од скапиот изборен дебакл, зашто и по потрошените огромни средства, му остануваат уште околу 58 милијарди долари.

На Блумберг, по скапиот изборен пораз, сепак ќе му останат 58 милијарди долари